Грчкиот весник „Катимерини“, повикувајќи се на извори од аеродромот во Солун, објави дека авионот што летал на релација Солун – Меминген се соочил со дефект додека летал над Македонија по што се вратил на аеродромот во Солун. При спуштањето се откачил дел од моторот кој повредил еден од патниците. Медиумот објави и соопштение на компанијата „Рајанер“ во кое, пак, се вели дека еден прозорец се откачил уште за време на летот. Македонски и српски портали објавија дека повредениот патник е српски државјанин и пренесуваат шокантни сведоштва од авионската кабина

Сериозен инцидент се случил на летот Солун – Меминген на компанијата „Рајaнер“. Според информациите што ги објави грчкиот весник „Катимерини“, кога авионот летал над Македонија, пилотите забележале сериозен дефект на еден од моторите кој не можел да се отстрани во текот на летот.
Екипажот одлучил веднаш да се врати во Солун започнувајќи ја процедурата за спуштање. Како што се покажало по слетување на авионот, моторот претрпел оштетувања во текот на летот.
Според информациите што ги објави весникот, за време на спуштањето се откачил дел од моторот кој удрил во еден од прозорците на авионот предизвикувајќи полесна повреда кај еден патник. Според изворот на кој се повикува медиумот, инцидентот не бил поврзан со пукнатина на трупот на авионот, туку со откачување дел од моторот што повредил патник. Како што нагласува изворот, доколку имало пробивање на трупот при лет на голема висина, последиците би биле катастрофали поради разликата во притисокот меѓу внатрешноста на кабината и надворешната средина.
BREAKING: Ryanair passenger reportedly saved from being sucked out the cabin after window fails during a flight from Thessaloniki to Memmingen.
— Breaking Aviation News & Videos (@aviationbrk) July 10, 2026
According to local media Ryanair flight FR1879, a Boeing 737-8AS, returned safely to Greece on Friday after part of a damaged engine… pic.twitter.com/YPgRodjPFp
По емитувањето на сигналот за опасност, веднаш биле активирани сите предвидени оперативни протоколи на аеродромот во Солун. Противпожарната служба, брзата помош, полицијата и другите надлежни служби биле ставени во состојба на целосна подготвеност, согласно предвидените процедури, за да се соочат со секое можно сценарио.
Авионот слетал и бил однесен на специјално одредениот простор на аеродромот, при што, според истиот извор, оперативната функција на аеродромот не била нарушена ниту за секунда.
„Рајанер“ испратил заменски авион, со кој заминале повеќето од патниците. Оние што не го продолжиле патувањето, го сториле тоа по сопствен избор, по вознемиреноста што ја предизвикал инцидентот.
Четири патници превентивно биле пренесени во болница. Повеќето си заминале по укажувањето лекарска помош, додека еден останал на дополнителни испитувања. На аеродромот е формирана комисија за истраги, која презела обврска да ги утврди точните причини за инцидентот.
Се огласи компанијата „Рајанер“
„Катимерини“ пренесе и соопштение на компанијата „Рајанер“ во кое, пак, се вели дека еден прозорец се откачил во текот на летот. Според соопштението, авионот слетал нормално, а на еден патник превентивно му била укажана медицинска помош, а потоа бил обезбеден заменски авион за превоз на патниците до нивната дестинација.
„Летот на ‘Рајанер’ од Солун за Меминген, во петокот наутро (10 јули), се врати во Солун набрзо по полетувањето откако еден прозорец кај патниците се откачи за време на летот. Авионот слета нормално и патниците се вратија на терминалот. Еден патник побара и доби медицинска помош на земја, во Солун. Со цел да се минимизира доцнењето, беше обезбеден заменски авион за превоз на патниците до Меминген, кој замина од Солун во 9:35 часот по локално време утринава“,
пишува во соопштението што го пренесе „Катимерини“.
Шокантни сведоштва во македонски и српски портали
Дел од порталите во Македонија и Србија, пренесувајќи ја веста за драмата на македонското небо, опишуваат шокантни сцени што се случувале во авионот што полетал од Солун за Германија – телото на патникот, кој неофицијално е српски државјанин, буквално летнало во воздух, а неговата сопруга го држела за нозете пет минути за да спречи целосно да излета од авионот. Со помош на другите патници некако успеале да го вратат во кабината. Патниците биле силно вознемирени, а се слушале и вресоци.
Сепак, официјални информации за причините за инцидентот и што точно се случувало во авионската кабина се очекува да даде истрагата што веќе е започната.
