И израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека војната со Иран не е завршена и дека има намера да ги задржи израелските сили во Либан колку што е потребно

Израелскиот министер за одбрана вели дека неговата земја е подготвена да ја продолжи својата воена кампања против Иран доколку е потребно, нагласувајќи дека тоа ќе го стори со уште поголема сила.
„Армијата е подготвена и во состојба на готовност за продолжување на борбите, со цел да се врати воздушната супериорност и повторно да се удри во Иран за да се елиминираат заканите, вклучително и третпат доколку е потребно. Ако мора да се вратиме, ќе се вратиме со уште поголема сила“,
рече министерот Израел Кац.
И израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека војната со Иран не е завршена и дека има намера да ги задржи израелските сили во Либан колку што е потребно.
„Иранскиот режим претрпи тежок удар, а нашата политика е јасна: Иран нема да има нуклеарно оружје, со или без договор. Војната сè уште не е завршена и се појавуваат нови предизвици“,
изјави Нетанјаху за израелските медиуми.
Нетанјаху го повтори своето често тврдење дека Иран ќе имал нуклеарно оружје доколку не дејствувале.
Инаку, Иран втор ден по ред е цел на напади од војската на Соединетите Американски Држави (САД) откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека привремениот договор што требаше да ги одведе двете страни до ставање крај на непријателставата е завршен.
Во меѓувреме Иран одговори со напади врз повеќе цели во арапските земји во Персискиот Залив, каде што американската војска има свои бази.
Новата ескалација меѓу САД и Иран доаѓа откако во вторникот беа нападнати три товарни брода кои транзитираа низ Ормускиот Теснец. Ова доведе до најобемната размена на оган меѓу двете страни по потпишувањето на меморандумот за разбирање минатиот месец што требаше да го отвори патот до договор за целосен мир. По нападите на танкерите, Секретаријатот за финансии на САД го отповика привременото укинување на санкциите кон Техеран за извоз на нафта.
На Самитот на НАТО во Анкара, кој се одржа изминатите два дена, Трамп говорејќи за медиумите вчера најави дека повторно ќе има силни напади врз Иран, за подоцна да додаде дека најновите напади нема да резултираат со долгорочна воена акција.
