„Ова е вистината. Не му поминуваат на Мицкоски лагите дека Македонија е економски лидер во Европа. Вистината е дека македонската економија е во катастрофална состојба и со оваа власт ќе продолжи да тоне, а граѓаните ги чека уште потежок и поскап живот“, се вели во партиското соопштение

Најновиот извештај на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ги демантира најавите на власта дека земјава ќе биде трета економија во Европа, велат од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ). Нивната реакција доаѓа откако во извештајот на ММФ беше наведено дека Македонија во периодот 2027-2031 година ќе ја има седмата најбрзорастечка економија во Европа.
Од СДСМ посочуваат дека ММФ за македонската економија прогнозира просечен раст од само три отсто до 2031 година, што ја става државата зад голем дел од земјите во регионот. Пред Македонија, според овие проекции, се наоѓаат Албанија со раст од 3,19 отсто, Србија со 3,5, Косово со 3,95, како и Малта која предводи со 3,96 проценти.
„Ова е вистината. Не му поминуваат на Мицкоски лагите дека Македонија е економски лидер во Европа. Вистината е дека македонската економија е во катастрофална состојба и со оваа власт ќе продолжи да тоне, а граѓаните ги чека уште потежок и поскап живот“,
се вели во партиското соопштение.
Опозицијата алармира за зголемување на долговите и буџетскиот дефицит. Според нив, растот на дефицитот од 3 на 4,1 отсто отвора врата за нови скапи задолжувања кои ќе паднат на грбот на народот. Тие дополнуваат дека домашното задолжување веќе достигнало 39 милијарди денари, а странското 101 милијарда денари, што до крајот на годината ќе го искачи јавниот долг над 61,5 отсто од БДП.
„За две години оваа влада создаде нов долг од 2,5 милијарди евра, со што го искачи нивото на јавниот долг на речиси 11 милијарди евра. Ова не се пари за мерки за граѓаните, за минимална плата од 600 евра или за капитални проекти, туку за криминалните тендери на ВМРО-ДПМНЕ“,
обвинуваат од СДСМ.
Од партијата додаваат дека инфлацијата од 4,5 отсто веќе сериозно ја изела куповната моќ на граѓаните.
Потсетувајќи на изјавите на министерката за финансии за можен банкрот на европски земји, од СДСМ предупредуваат дека со вакво темпо на задолжување и отсуство на развојна стратегија, токму Македонија се движи кон банкрот.
„Кратат од секаде, само не од нивниот луксуз. Наместо инвестиции, реформи и раст, приоритет се криминални тендери, партиски вработувања и расипничко трошење на народните пари. Цената на овие надреални приказни на Мицкоски ја плаќаат граѓаните, со празни џебови и сè потежок живот од ден во ден“,
додаваат од СДСМ.
Според анализата на ММФ, еврозоната се очекува да има раст нешто повеќе од еден отсто годишно до 2031 година, а помалите економии се очекува да ја надминат еврозоната со повеќе од два спрема еден и да остварат раст од околу три проценти како што е светскиот просек.
Инаку, според најновите светски економски перспективи на Меѓународниот монетарен фонд, се предвидува еврозоната да се прошири за само 1,2 отсто годишно во просек помеѓу 2027 и 2031 година, при што нејзината најсилна година, 2028 година, ќе достигне само 1,4 проценти.
