Поради недоволно мнозинство гласови при гласањето, овој предмет останува отворен и во фаза на гласање, информираат од Уставниот суд
Уставниот суд на денешната седница не донесе одлука во однос на иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Изборниот законик, поднесена од Левица и партијата Демократи. Поради недоволно мнозинство гласови при гласањето, овој предмет останува отворен и во фаза на гласање, информираат од Судот.
За време на расправата, уставните судии имаа различни мислења – дел од аргументите беа во насока на поведување постапка за оспорените членови од Изборниот законик, додека дел од судиите беа на став дека претходно во 2023 година веќе одлучувале и се имаат произнесено за истите одредби.
Пратеникот на Левица, Амар Мециновиќ, по расправата на седницата на Уставниот суд, порача дека евентуалното отфрлање на нивната иницијатива би значело потврда на опасноста од нерамноправни услови на изборите.
„Додека се разговара за апстракции, во реалноста ние имааме изборни циклуси каде што волјата на граѓаните и учеството на изборите пробува да се компромитира на сметка на партиите кои не се партии на олигархијата. Не е нормално во една држава, на една легална партија која има пратеничка група да ѝ биде оневоможено своите идеи и својата платформа да ја презентира пред граѓаните“,
рече Мециновиќ.

Во иницијативата се оспорени членовите 75-ѓ став 1 и 12, алинеја 1 и 2, 76-д став 5 алинеја1 и 2, и 78-а став 4 алинеја 1 и 2 од Изборниот законик.
Оспорените одредби од Изборниот законик, според подносителите, промовираат дискриминаторски пристап од аспект на достапноста на медиумскиот простор и распределување на јавните финансиски средства за платено политичко рекламирање.
Толкувањето на Изборниот законик, како што се наведува во иницијативата, предвидува сите регистрирани партии кои се јавуваат како учесници во изборниот процес, без оглед дали се парламентарни или вонпарламентарни, да добијат соодветна и пропорционална државна поддршка и медиумски простор за претставување на граѓаните. Притоа, термините „може” и „најмногу”, како што вели, не смеат да се толкуваат буквално рестриктивно, туку во согласност со целта на Законот.
Подносителот тврди и дека во практиката произволно се толкува и двете најголеми партии од позиција и опозиција добиваат најмногу време, на штета на останатите помали партии, со што на овој начин четирите најголеми партии – по две од власта и две од опозицијата, добиваат привилегиран пристап до медиумите и државните средства, а останатите парламентарни партии се потполно исклучени, се наведува во иницијативата.
