Повеќе од четири години од почетокот на руската инвазија врз Украина, масовните руски воздушни напади кои вклучуваат стотици дронови и десетици ракети и понатаму се секојдневие. Киев, иако со значително помалку ресурси, а особено со недостиг на ракети за противвоздушна одбрана, во последно време исто така ги засили нападите врз руска територија, нанесувајќи силни удари на нафтениот и индустрискиот сектор

Украинските напади со беспилотни летала во текот на ноќта погодија индустриски и енергетски објекти ширум Русија, при што загина едно лице, а оштетени се повеќе постројки и два празни нафтени танкери.
Гувернерот на руската Саратовска Област, Роман Бусаргин, соопшти дека во украинскиот напад со дронови загинало едно лице, оштетени се цивилни индустриски објекти, а неколку луѓе се повредени.
Во руската република Татарстан, на брегот на Волга, украински дронови оштетија објекти во градот Нижнекамск, соопштија локалните власти. Не е прецизирано кои цели се погодени, но во тој град се наоѓа голема рафинерија за нафта, додека во блискиот град Елабуга се лоцирани фабрики за производство на дронови.
Русија во последните месеци се соочува со сериозен недостиг на гориво во одредени региони, откако Украина ги засили нападите врз руските рафинерии и почна да гаѓа цели сè подлабоко на руска територија.
Во јужната Ростовска Област, гувернерот Јуриј Сљусар изјави дека во Таганрошкиот Залив во Азовското Море биле оштетени два танкери. Тој додаде дека бродовите пловеле кон Ростов на Дон, биле празни, а во нападот се повредени две лица.
Украинската војска ги потврди нападите, но наведе дека погодила девет такви танкери во Азовското Море. Азовското Море е важен правец за снабдување на руските сили на Крим и во другите области на југот на Украина што се под руска контрола.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека во последните 12 часа соборило 415 украински дронови.
Експлозии во Киев
Неколку силни експлозии го потресоа главниот град на Украина, Киев, токму на почетокот на последниот ден од самитот на НАТО во Турција.
Првата експлозија се слушнала уште пред да се огласат градските сирени за воздушна опасност, а по неа следувале уште четири експлозии. Овој напад се случува помалку од една недела по најтешките руски воздушни напади врз Киев, во кои загинаа 30 лица.
Градоначалникот Виталиј Кличко извести за најмалку две повредени лица.
„Непријателот го напаѓа главниот град со балистички ракети. Останете во засолништата!“,
напиша Кличко на социјалните мрежи.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој во моментов се наоѓа во Анкара на самитот на НАТО, повторно упати итен апел до сојузниците да ѝ обезбедат на неговата земја повеќе опрема и системи за противвоздушна одбрана.
Повеќе од четири години од почетокот на руската инвазија врз Украина, масовните руски воздушни напади кои вклучуваат стотици дронови и десетици ракети и понатаму се секојдневие. Киев, иако со значително помалку ресурси, а особено со недостиг на ракети за противвоздушна одбрана, во последно време исто така ги засили нападите врз руска територија, нанесувајќи силни удари на нафтениот и индустрискиот сектор.
