Дијаспората и сега гласа, власта измислува модели само за да отвори простор за изборен инженеринг, кажа на денешната прес-конференција пратеничката на СДСМ, Јована Тренчевска
СДСМ не го прифаќа предлогот на власта опозициските партии да се договорат за сите барања околу измените на Изборниот законик, во замена на тоа дијаспората да може да гласа.
Пратеничката Јована Тренчевска вели дека ова е одраз на паника во власта, која сака на шверцерски начин да носи закон кој би се применувал дури во 2029 година.
„Ние внатре во нашата коалиција разговараме за овие прашања, ние немаме коалиција со другите опозициски партии во парламентот. Носењето на Изборниот законик е обврска на власта и таа треба да најде модел, да ги седне сите политички партии на маса и да се разговара, да се дојде до решение за кое ќе има консензус од страна на политичките партии“,
кажа пратеничката Тренчевска.
Во однос на дијаспората, Тренчевска посочува дека иселениците и сега гласаат, но според СДСМ, моделите што ги нуди власта оставаат простор за изборен грабеж.
„Прво беше електронско гласање, откако не им помина, гласање по пошта – и двата модели по нивна мерка за совршена кражба на гласови… Дијаспората гласа и во овој момент и апсолутно дијаспората треба да биде вклучена во гласањето за сите избори, меѓутоа на еден ваков шверцерски начин да се носи закон кој треба да се применува од 2029 без консензус и без механизми за надзор е за нас неприфатливо. Треба да седнеме да разговараме, да го најдеме најдобриот модел, да ги консултираме европските искуства и тогаш да утврдиме како ќе биде гласањето на дијаспората, а вклучително и на граѓаните кои живеат овде во Македонија за изборите 2029 година“,
рече Тренчевска.
За ВМРО-ДПМНЕ е прифатливо сè што би договориле заедно опозициските партии бидејќи, како што велат оттаму, барањата им се слични, но бара поддршка за гласањето на дијаспората.
„Гледаме дека платформите им се исти, но се разликуваат во деталите. Да седнат да се договорат за една изборна единица, да седнат да се договорат за модел на финансирање, да седнат да се договорат за поплаките и начинот на кој тие би биле прифатливи, и да седнат и меѓу себе да се договорат дури и за моделот на изјаснување на дијаспората. Сето тоа што овие опозициски партии ќе го понудат до нас преку еден пречистен текст на закон, ние тоа ќе го прифатиме“,
кажа пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно, од Левица порачаа дека нивната понуда е една изборна единица и дијаспората да гласа по пошта само на претседателски избори. За понуденото усогласување меѓу опозициските партии вели дека не знае како тоа би се извело.
Од ДУИ, пак, обвинија дека иако како учесници во работната група усвоиле драфт-верзија, ВМРО-ДПМНЕ се повлекле од две суштински точки за Изборниот законик.
„По доставувањето на предлогот во Собранието ВМРО-ДПМНЕ се повлече од две суштински точки на договорот – прво, од електронското гласање на дијаспората, барајќи гласањето да се одвива преку пошта и второ, од договорот – подзаконските акти на Државната изборна комисија што се однесуваат на електронското гласање на дијаспората да се донесуваат со консензус, барајќи тие да се усвојуваат со мнозинство гласови. За нас ова е неприфатливо“,
рече пратеничката на ДУИ, Рина Ајдари.
Претседателот на Албанската лига, пак, Зијадин Села, вели дека неговата партија се залага за гласање на дијаспората електронски и по пошта на сите изборни циклуси, а не да им се дозволува да гласаат само на одредени избори.
„Ние инсистираме дијаспората да има право да гласа електронски или по пошта на претседателски, парламентарни и на локални избори. Ние ќе ја блокираме Комисијата и нема да дозволиме да помине овој Изборен законик“,
кажа Села.
