Тој нагласи дека европските пазари веќе поставуваат нови стандарди, а за македонските компании, особено за извозно ориентираните, сè поважно станува не само што произведуваат, туку и како го произведуваат тоа

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија активно ја развива економската дипломатија како практична алатка за поддршка на домашниот бизнис-сектор, рече денеска ресорниот министер Тимчо Муцунски на форумот „Претворање на одржливоста во конкурентност: Градење отпорни бизниси во неизвесен свет“, настан организиран од канцеларијата на ОН, во соработка со Стопанската комора и МНР.
Министерот истакна дека улогата на државата не е да го замени приватниот сектор, туку да создаде услови во кои претприемништвото, знаењето и капиталот ќе можат да создаваат нова вредност.
„Нашата дипломатска мрежа мора да биде насочена кон конкретни резултати: отворање нови пазари, привлекување инвестиции, промоција на извозот, поврзување на компаниите и навремено информирање за промените на глобалните пазари. Во современата економија, дипломатските односи мора сè повеќе да се претвораат во економски можности“,
потенцираше Муцунски.
Осврнувајќи се на актуелните геополитички, економски и технолошки потреси, вклучувајќи ги нарушените синџири на снабдување и енергетската нестабилност, Муцунски рече дека новата деловна реалност бара брзо приспособување.
Тој смета дека новите еколошки и одржливи стандарди што ги наметнуваат европските пазари треба да се искористат за модернизација и повисока продуктивност.
Министерот се повика и на Четвртата меѓународна конференција за финансирање на развојот одржана во Севиља во 2025 година, каде што било јасно подвлечено дека глобалните развојни цели не можат да се постигнат без активна улога на приватниот сектор.
„Компаниите се двигатели на иновациите, на отворањето нови работни места и на одржливиот економски раст. Затоа, денешниот форум е можност да разговараме како одржливоста да стане реална основа за повисока продуктивност, поголема конкурентност и посилен раст“,
рече Муцунски.
Тој нагласи дека европските пазари веќе поставуваат нови стандарди, а за македонските компании, особено за извозно ориентираните, сè поважно станува не само што произведуваат, туку и како го произведуваат тоа.
Отпорна компанија, додаде министерот, не е само компанија која успешно ја преживува кризата, туку која од кризата излегува посилна, подобро организирана, поконкурентна и поподготвена за следниот предизвик.
Тој напомена дека не смее да се заборави дека највредниот ресурс на секоја компанија се луѓето.
„Инвестицијата во човечкиот капитал е инвестиција во долгорочната конкурентност на целата економија. Доколку оваа транзиција ја искористиме правилно, придобивките ќе значат повисока продуктивност, поквалитетни работни места, поголем извоз и подобро позиционирање на македонската економија во европските и глобалните синџири на вредност“,
кажа Муцунски.
Тој нагласи и дека иднината нема нужно да им припадне на најголемите компании, туку на оние што најбрзо се приспособуваат, инвестираат во луѓе, знаење и технологија, што навреме ги препознаваат и ризиците и можностите.
Министерот истакна дека само преку вистински јавно-приватен дијалог, предвидлива регулатива, ефикасни институции и силни партнерства можеме да создадеме деловно опкружување подготвено за идните предизвици.
