Според него, во последните години зборот одржливост е еден од најчесто употребуваните во светската економија. Но, одржливоста, како што рече, веќе не е само прашање на нова регулатива или екологија, туку суштинска промена во глобалната економија и модел што создава сигурност

Денес не се успешни само компаниите што произведуваат квалитетен производ. Успешни се оние што знаат како одговорно да управуваат со ресурсите, како да инвестираат во своите луѓе, како да создаваат доверба кај инвеститорите, партнерите и потрошувачите, рече премиерот Христијан Мицкоски на настанот „Претворање на одржливоста во конкурентност: Градење отпорни бизниси во неизвесен свет“.
Според него, во последните години зборот одржливост е еден од најчесто употребуваните во светската економија. Но, одржливоста, како што рече, веќе не е само прашање на нова регулатива или екологија, туку суштинска промена во глобалната економија и модел кој создава сигурност.
Тој рече дека кога се зборува за национална визија за одржлив развој, не се мисли само на екологија, зелени политики или на усогласување со европските стандарди.
Премиерот се осврна на глобалните потреси – војните, енергетската криза, инфлациските притисоци и геополитичките поделби – нагласувајќи дека економската стабилност повеќе не може да се зема здраво за готово. Во такви услови, компаниите кои инвестираат во енергетска ефикасност, дигитализација и иновации ќе бидат лидери на развојот во следната деценија.
Во такви услови, според него, одржливоста престанува да биде избор – таа станува предуслов за конкурентност.
Мицкоски направи компарација меѓу минатите економски резултати и актуелните показатели.
„Ако погледнеме наназад, ќе видиме дека во периодот од 2017 до 2023 година просечниот економски раст изнесуваше речиси 1,8 процент. Денес веќе зборуваме за сосема поинаква динамика. Во 2024 година економијата порасна за 3 проценти, во 2025 година за 3,5 проценти, а и во текот на оваа година ја задржуваме стабилната позитивна траекторија на раст. Тоа не е случајност. Тоа е резултат на враќањето на довербата, на стабилизирањето на јавните финансии, на активната поддршка за инвестициите и на заедничката работа со приватниот сектор“,
рече тој.
Според Мицкоски, целта на Владата е да биде активен партнер на стопанството преку обезбедување предвидлива деловна клима, модернизација на инфраструктурата и ефикасни институции. Тој потенцираше дека крајната цел на секој економски показател е подобрување на животниот стандард на граѓаните и создавање можности за младите да останат во земјата.
На форумот, покрај премиерот, најавени се обраќања и на министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, евроамбасадорот Михалис Рокас, претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, како и на Рита Колумбија, постојана координаторка на ОН во државата.
Денешниот форум го организира канцеларијата на ОН во соработка со Стопанската комора и Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
