Истражување на Центарот за граѓански комуникации за тендерите за обележување пешачки премини во периодот 2023-2025 г. открива дека повеќе од половина од општините во земјава немале посебна јавна набавка за таа намена. А, и меѓу тие што набавувале има такви што не барале минимални стандарди
Сите институции што ги контактиравме, дури и тие што немаат наменски тендери, тврдат дека ги бележат улиците
Секој ден, секој пешак или велосипедист го бара најсоодветното место за безбедно да премине улица – пешачкиот премин. Белите ленти на коловозот значат дека тоа е законски определено место на кое моторните возила немаат предност.
Пешачкиот премин не се само исцртани бели ленти на асфалтот. Тој е зона на взаемна почит меѓу пешаците и возачите, како и законска сигурност што го дели животот од трагедија. Но, таа сигурност исчезнува кога ќе исчезнат белите ленти. Често, пешачките премини се избледени или речиси целосно избришани.
Зошто – побаравме одговор на терен. Во изборот на локации се водевме од истражување на Центарот за граѓански комуникации. Нивната анализа на тендерите на општините и локалните јавни претпријатија за набавка на боја и услуги за бележење на хоризонтална сигнализација на улиците покажа дека во периодот од 2023 до 2025 година, дури 46 од вкупно 80 општини плус Град Скопје, воопшто не распишале тендер за обележување улици. Седум општини имале само една набавка во тригодишниот период, 14 имале двe, а само 14 локални власти имале тендери за обележување улици секоја од трите анализирани години.

Според истражувањето, меѓу општините што последните три години немале ваква набавка не се само мали рурални, туку и густо населени како Аеродром, Чаир и Бутел.
Аеродром
Топлото време ја диктираше раздвиженоста по главниот булевар „Јане Сандански“ во скопската општина Аеродром во јунскиот ден кога снимавме на терен. Поради двостепената локална власт во Скопје, надлежно за магистралните улици, како за овој булевар, е јавното претпријатие „Улици и патишта“ на Град Скопје. На еден од најфреквентните пешачки премини белите ленти се релативно бледи, но сепак видливи. Олеснителна околност е што сообраќајот тука е регулиран со семафори.

Но, локалните улички како оние на малата раскрсница на улиците „Мирте Влаот“ и „Димитар Туриманџоски“ во населбата Лисиче, се надлежност на Општината. Има вертикална сигнализација за пешачки премин, но од „зебрата“ на коловозот останала само мала трага.
„Нема, еве гледате и самите. Кој е обележан? Истото и таму е горе ве чека, истото и таму ве чека, на сите места е така. Ретко, единствено онаа уличка таму што е направена нова па таму има на крајот и си отишле.“
„Нема ништо, не се гледа, ни пешачки премин ни ништо.“
„Сега не е школска година, а кога е школска година што ќе правиме?“
рекоа граѓаните со кои поразговаравме.

Некои граѓани, покрај избришаните пешачки премини, гледаат и други проблеми.
„Да се регулира паркинг местото, исто, бидејќи причината што нема слободни пешачки или велосипедски патеки е од немање доволно паркинг простор.“
„Не е само тоа што се излижани, туку погледнете оттука натака дали ние можеме да одиме по тротоарот. Ние сите одиме по улица, а овде има доста возрасна популација, како мене, што одиме со колички. Така што, ризикот е многу голем.“
рекоа граѓаните со кои поразговаравме.
Па, повикуваат…
„И да се следи на време, а не вака кога ќе дојде време граѓаните да бараат, туку службите, одредените лица, да си ја вршат својата задача за која народот ги плаќа“,
повикаа тие.
За избришаните пешачки премини на раскрсницата во Лисиче го прашавме градоначалникот Дејан Митески. Тој вели дека е запознаен со состојбата во населбата и дека таму приоритетно ќе се обновува хоризонталната сигнализација.
Митески: Ние таму имаме изработено нов сообраќаен проект за воведување еднонасочен сообраќај токму за избегнување на оваа ситуација што ја спомнав, а тоа е паркирани возила на едната коловозна лента или на тротоарите се со цел да овозможиме безбедно и сигурно движење и на возилата и на пешаците. Изработивме нов сообраќаен проект што е во процедура на одобрување во Град Скопје и МВР и по одобрување веднаш ќе го имплементираме на лице место.“
360°: Сигурно има и други такви локации, но бидејќи бевме на оваа, ќе ја обележите?
Митески: Да, ќе биде обележана.

Низ општината има улици што се под нејзина, но и под ингеренција на ЈП „Улици и патишта“ на Град Скопје, а делови од улици се под надлежност на ЈП „Градски паркинг“.
„Како општина задолжително пред почетокот на секоја учебна година ги обележуваме, односно обновуваме сите пешачки премини пред училиштата и детските градинки, а во текот на годината, по потреба и согласно можностите, бележиме онаму каде е најнеопходно“,
вели Дејан Митески – градоначалник на општина Аеродром.
Но како општината бележи, кога нема јавна набавка за таа намена? Градоначалникот вели – има таква ставка во рамковната спогодба за санација на ударни дупки, прекопи и деформации на улици и тротоари.
„Немаме спроведено посебна постапка од причина што сметавме дека поцелисходно можеме да ги извршиме тие работи на овој начин – заедно со целокупното одржување на улиците да предвидиме и обнова на хоризонталната сигнализација на улиците на територија на општина Аеродром“,
додаде тој.
Чаир
Меѓу општините со помногубројно население што не спровеле посебна набавка за обележување хоризонтална сигнализација во 2023, 2024 и 2025 година е и Чаир. Прво, бевме на улица „Ферид Бајрам“ која е на границата со Општина Бутел и е во ингеренции на ЈП „Улици и патишта“ на Град Скопје. На пешачкиот премин пред основното училиште „Иднина“ беше очигледно дека му треба обнова.
Малку подолу е Поликлиника „Чаир“ со голем кружен тек до неа и голема потреба од освежување на хоризонталната сигнализација.

„Тие беа исцртани, ама веќе не се ни познаваат. Не е повторено. Премините не се нацртани, а ниту една светилка не работи.“
„Да, ги бојат, но од сонцето се уништуваат, треба почесто да ги бојадисуваат“,
рекоа граѓаните со кои поразговаравме.
Навлеговме подлабоко, низ уличките што се во надлежност на Општината Чаир. На „Архиепископ Доситеј“ – мал кружен тек со соодветни сообраќајни знаци и остатоци од пешачки премини.
„Пешачките премини треба да бидат обележани, сега веќе се избришани сите. Да беа, ќе беше подобро и за децата и за другите пешаци“,
рече жител на Чаир.

Но, нашиот соговорник смета дека не се проблем само избришаните пешачки премини.
„Би апелирал што подобро да се постават сообраќајните знаци и да има пешачки премини, знаци, за да има каде да застанат децата, значи тоа е добро, тротоарите да не се узурпираат со паркирани возила, тоа е добро. Тоа би било успешно ако има можност да се направи“,
смета тој.
Прашавме и во Општина Чаир зошто во 2023, 2024 и 2025 година не распишале тендер за хоризонтална сигнализација. Ни одговорија по електронски пат.
„На 25.3.2026 година е склучен договор за обележување на улици, паркинзи и пешачки премини за потребите на Општина Чаир, во вкупна површина од 5 200 m². Договорот е во фаза на реализација“,
велат од општина Чаир.
И покрај тоа што не ни посочија според кој тендер се набавени стоки или услуги за бележење во периодот 2023-2025 година, од Чаир тврдат дека редовно имаат активности за обележување и одржување на хоризонталната сообраќајна сигнализација, со приоритет на критичните локации како што се училиштата.
Бутел
Следна за посета меѓу општините што во трите години немала набавка за обележување пешачки премини ни беше Бутел. На терен, најдовме дека во оваа локална самоуправа не е обновена зебрата ниту пред општината. Пешаците минуваат онаму каде што запомниле дека бил пешачкиот премин.
„Пешачки премин не се приметува, полна линија, прекината линија, не се гледа ништо“,
вели жител на Бутел.

И не само пред Општината. Слична е состојбата вдолж речиси целата уличка.
„Не е добро тоа што не се добро обележани. И возачите не знаат каде точно има, а и ние преминуваме несоодветно. Не го гледаме ниту каде е во близина пешачкиот премин, па да дојдеме до него“,
рече жител на Бутел.
Пешачките премини се делумно избришани и на улица „Бутелска“ што е паралелна со уличката пред зградата на општината. „Бутелска“ е во надлежност на градското јавно претпријатие „Улици и патишта“.

Но, нашите соговорници велат дека не е така само во Бутел.
„Јас се движам секаде. Секаде е исто. Немаме култура, прво, како народ, а второ не си ја вршат како што треба работата ниту општината, ниту вработените што се платени за тоа“,
додаде тој.
И општина Бутел ја прашавме зошто немаат тендер за оваа намена во тој тригодишен период. Конкретен одговор не добивме, но ни пишаа дека општината, по завршување со реконструкција на улици, ги бележи и поставува хоризонтална сигнализација. Ни пратија и фотографии.
„Во тек е обележување на улиците кои се во надлежност на општина Бутел. Покрај тоа, локалната самоуправа има воспоставено соработка со Град Скопје за обележување на улиците кои се во надлежност на градот. Во однос на безбедноста, локалната самоуправа постојано спроведува активности за зајакнување на безбедноста на учесниците во сообраќајот и вложува во проекти за подобрување на патната инфраструктура“,
велат од општина Бутел.
ЈП „Улици и патишта“ – Скопје
Како што веќе истакнавме, дел од избришаните пешачки премини што ги снимавме се на ЈП „Улици и патишта“. Според Центарот за граѓански комуникации, ова јавно претпријатие во анализираниот период има редовни набавки на боја за обележување хоризонтална сообраќајна сигнализација.
Од „Улици и патишта“ велат дека работат согласно програма усвоена од Советот на Град Скопје според која вршат периодично и интервентно бележење. Покрај тоа, одговараат на повици на граѓани, полицијата и други институции за обнова на пешачки премини, а имаат и свои патроли. Па – го прашавме в.д. директорот Борис Настов, зошто тогаш низ Скопје има улици под нивна надлежност што не се добро обележани, како што сведочеа и граѓани.
„Еднаш годишно задолжително се фарбаат сите градски улици, она што ни е по програмата, барем еве во овој период. Дури и надополнуваме, па гледаме кога е пред сезоната и за време на целата година, пред училиштата, пред градинките, значи пред тие образовни установи дефинитивно, пред институциите, болниците, тоа е приоритет број еден каде што удираме акцент. Граѓаните сите што коментираат, знаете што, ќе искочите на главната улица – добро е. Меѓутоа внатре во тие сервисните улици и за тоа можеби е впечатокот“,
смета Борис Настов – в.д. директор на ЈП „Улици и патишта“ – Скопје.

Во анализата на Центарот за граѓански комуникации пишува дека голем број од општините и јавните претпријатија не бараат стандарди за квалитет при набавка на боите. ЈП „Улици и патишта“ Скопје, ЈКП „Дервен“ – Велес, ЈП „Паркинг“ – Кавадарци, како и Јавното претпријатие за изградба и одржување на јавен простор во Општина Битола се истакнати како позитивен пример.
„Во своите тендерски документи имаа поставено највисоки услови и барале бојата да биде квалитетна според стандардот MKC EN 1436:2018, а теренската издржливост и отпорност на лизгање – според стандардот МКС EN 13197+А1:2014. Такви стандарди не биле барани од останатите општини и јавни претпријатија од оваа група“,
пишува во истражувањето на Центар за граѓански комуникации.
„Во однос на после квалитетот на вградување и сè, Град Скопје си има избрано надзорен орган што ги контролира и ги надзорува работите на работењето и на нашето претпријатие и на другите претпријатија, секој во својот сегмент. Значи кај Судска палата, што ја викаме ние популарно, тука има 120 до 200 илјади премини дневно. Така што, тоа се огромни бројки. Материјалите се тие што се“,
вели Борис Настов – в.д. директор на ЈП „Улици и патишта“.
Анализата открива и други околности што заслужуваат внимание. На пример, скопски „Улици и патишта“ ја купуваат бојата по 132 денари за килограм. „Стипион“ од Штип, по двојно поскапа цена – 296 денари.

Тука се и цените на услугите во општините што не бележат сами. Во Петровец, бележењето на површина од еден квадратен метар со бела боја и стаклен перлит е набавено за цена од 281 денар. Општина Гостивар, пак, плаќала трипати поскапо за истата услуга – 802 денари за квадратен метар.

„Резултатите од ова истражување покажуваат дека проблемот со невидливите пешачки премини не е случаен – тој е последица на начинот на којшто општините ги спроведуваат обврските кои ги имаат во однос на хоризонтална сигнализација на патиштата… Ваквата состојба сугерира потреба од појасно дефинирани обврски, унифицирани практики и поактивно следење на реализацијата на ваквите набавки на општинско ниво“,
пишува во анализата.
Белите ленти на асфалтот се меѓу најевтините, но и најважните елементи на сообраќајната безбедност. Кога ќе избледат, избледува и довербата дека системот навреме ги исполнува обврските. А, во сообраќајот секоја ненавременост и неодговорност најчесто ја плаќаат најранливите учесници – пешаците.
