Од Центарот за управување со кризи велат дека со оваа технологија се обезбедува поголема заштита на шумите, имотот и безбедноста на луѓето и додаваат дека заштитата на животната средина и граѓаните мора да биде на прво место

Центарот за управување со кризи (ЦУК) започна пилот-проект за поставување паметни камери наменети за рана детекција на шумски пожари. Овие современи камери ќе бидат распоредени во неколку критични зони низ државата и ќе бидат под постојан, 24-часовен надзор од страна на Оперативниот центар на ЦУК.
Оттаму појаснуваат дека во моментов се оперативни поголем број камери, а во тек е проширување на мрежата на околу 50 камери, со што значително ќе се зголеми покриеноста на критичните шумски подрачја низ државата.
Како што соопшти директорот на ЦУК, Мухамед Али, главната цел на овој проект е навремено откривање на пожарите, што ќе овозможи побрза реакција на надлежните служби и поефикасна координација на терен при интервенциите.
„Камери со ротација од 360 степени, кои постојано го надгледуваат просторот и автоматски се насочуваат и запираат на точната локација веднаш штом детектираат чад или пламен. Автоматско известување преку е-пошта и порака до дежурниот Оперативен центар на ЦУК веднаш по детектирањето на чад или пожар“,
објаснуваат од ЦУК.
Според Али, воспоставувањето на системот за рано откривање на пожарите било еден од неговите примарни приоритети уште од самото преземање на раководната функција.
„Од првиот ден откако бев назначен за директор на Центарот за управување со кризи, мојата цел беше јасна – воспоставување систем за рано откривање на шумските пожари. Денес со задоволство соопштувам дека во соработка со една домашна компанија поставивме паметни камери во неколку критични зони во државата“,
вели Али.
Тој нагласи дека со оваа технологија се обезбедува поголема заштита на шумите, имотот и безбедноста на луѓето и додаде дека заштитата на животната средина и граѓаните мора да биде на прво место.
Од Центарот за управување со кризи оценуваат дека со овој пилот-проект се отвора ново поглавје во националниот систем за заштита од пожари. Според нив, примената на современи технологии за рана детекција е клучна за брзо и ефикасно дејствување.
