Интересни образовни референци има кандидатот за министер за земјоделство од редовите на ЗНАМ, Борче Серафимовски, кој во Бугарија има завршено факултет, постдипломски студии, а таму одбранил и докторат. Идниот министер за култура Седат Сулејмани, пак, бил активен во граѓанскиот сектор, иако во Култура бил и за време на претходната власт
Откако премиерот Христијан Мицкоски вчера ја објави распределбата на ресори во владината реконструкција, од денеска почнува да се комплетира сликата за новиот владин состав, кој до Собранието ќе биде доставен до петок.
ВМРО-ДПМНЕ во реконструкцијата добива кадри кои ѝ се релативно познати на јавноста – Сашо Клековски во Министерството за здравство и Ѓоко Велковски во Министерството за социјална политика, демографија и млади.

Сашо Клековски е актуелен директор на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО). На позицијата беше назначен во мај годинава, откако претходно во 2024 година беше поставен за в.д. директор на Фондот.

Завршил Медицински факултет на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, а подоцна завршил и МБА-програма на „Американ колеџ“. Клековски е еден од основачите на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), каде што беше извршен директор од 1994 до 2011 година. Основач е и член на повеќе граѓански организации. Соработувал со голем број организации, мрежи и платформи од различни подрачја.
Кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за министер за социјална политика, демографија и млади е Ѓоко Велковски, кој во моментов ја извршува функцијата заменик-министер во овој ресор.

Велковски е дипломиран економист на Економскиот факултет при УКИМ. Беше министер за труд и социјална политика во техничката влада на Талат Џафери во 2024 година. Своевремено беше и секретар на Град Скопје за време на мандатот на градоначалничката Данела Арсовска. На функцијата беше од декември 2021 до септември 2022 година, кога ВМРО-ДПМНЕ и тогашната градоначалничка политички се разделија.
Досегашниот вицепремиер и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ ќе биде министер за локална самоуправа. Стоилковиќ е претседател на Демократската партија на Србите во Македонија, а од 2002 до 2024 година беше пратеник во Собранието.

Кандидатите за министри кои ги предлагаат Влен и ЗНАМ се помалку познати за пошироката јавност.
Претседателот на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски, вчера на прес-конференција објави дека го преземаат Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а дека за министер ќе биде предложен Борче Серафимовски, актуелен државен секретар во овој ресор.

„Станува збор за човек кој ги обединува академското знаење, менаџерското искуство и практичното познавање на системот. Тој и самиот е земјоделец. Доктор е по организациски науки, магистер по меѓународни односи, дипломиран бизнисмен менаџер и дипломиран дефендолог“,
изјави вчера Димитриевски.
Според јавно достапната биографија, Серафимовски завршил додипломски студии на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ Скопје, каде што се стекнал со звањето дипломиран дефендолог.
Додипломски студии завршил и на отсекот бизнис-менаџмент на Варненскиот слободен универзитет „Црноризец Храбар“ во Варна, Бугарија. Високото образование го продолжил на Југозападниот универзитет „Неофит Рилски“ во Благоевград, каде што магистрирал меѓународни односи на Правно-историскиот факултет. Серафимовски докторирал на Стопанскиот факултет при Великотрновскиот универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во бугарскиот град Велико Трново, каде што се стекнал со звањето доктор по организациски науки.
Како што претходно денеска за „360 степени“ потврдија извори на Влен, за министер во Министерството за култура и туризам ќе го предложат Седат Сулејмани, кој досега беше заменик-министер во истиот ресор. Нов министер за односи меѓу заедниците ќе биде Агон Ферати, а за министер за правда Влен ќе го предложи професорот на Универзитетот на Југоисточна Европа (ЈИЕ), Јетон Шасивари.
Тетовецот Седат Сулејмани во два наврати ја извршува функцијата заменик-министер во Култура. На позицијата беше назначен во 2024 година, а ја извршуваше и во периодот од 2020 до 2021 година, како дел од претходната влада. Во јавниот сектор уште ја извршувал и функцијата советник за стручна административна поддршка во општинскиот инспекторат на општина Тетово од 2023 до 2024 година.

Најголемиот дел од професионално искуство на Сулејмани, сепак, е поврзано со граѓанскиот сектор.
Според биографијата, Сулејмани е основач на невладината организација за култура, образование и уметност „Калкан“, основач и претседател е и на невладината организација за култура, образование и уметност „Призма“. Своевремено бил уредник на едукативна радиопрограма на Радио „Канал Б“, а бил фолклорист во тетовското културно-уметничко друштво и невладината организација „Јени Хајат“. Бил координатор на меѓународни проекти во соработка со турски општини, а зел учество и на меѓународни обуки и конференции.
Кандидатот што Влен го предлага за министер за правда е редовен професор по уставно право на Универзитетот на Југоисточна Европа (ЈИЕ), Јетон Шасивари.

Шасивари е доктор по правни науки во уставноправната област. Додипломските студии ги завршил на Правниот факултет во Скопје, магистрирал на Правниот факултет во Приштина, а докторирал на Правниот факултет при Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово. Од 2002 година е вработен на Правниот факултет при УЈИЕ Тетово, прво како помлад асистент и асистент, а потоа и како професор.
Јетон Шасивари е предавач и на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“.
