Премиерот најави дека членовите на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ вечерва ќе ги информира и дека се водат преговори за проширување на владината коалиција со Демократската партија на Турците – партија која во моментов е дел од коалицијата „Европски фронт“ и има еден пратеник во Собранието
Заменик-претседател за добро владеење повеќе нема да постои како ресор во Владата, туку тоа портфолио отсега ќе биде директно под ингеренции на претседателот на Владата. Ова во интервју за Телма го соопшти премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во пресрет на вечерашната седница на Извршниот комитет на партијата, по која се очекува официјализирање на политичкиот договор помеѓу лидерите на владините партнери.

Мицкоски вели дека концептот на ресорот за добро владеење е добар и според него би бил најпродуктивен ако е дел од премиерскиот кабинет.
„Претпоставувам се прашувате зошто не се спомнува заменик-претседателот на Владата за добро владеење – ресор кој по природата на нештата треба да го предложи ВМРО-ДПМНЕ. Ценам дека како концепт е добар и дека можеби би бил најпродуктивен ако биде дел од мојот кабинет. Во мојот кабинет има секретар што е задолжен за следење на реализација на програмата на Владата и на владините политики, па оттука ценам дека би бил соодветен да биде одговорен и за добро владеење. Мислам дека еден член помалку во Владата на ниво на потпретседатели би било нешто што можеме да го претставиме пред јавноста“,
изјави Мицкоски во емисијата „Директно“ на телевизија Телма.
Дополнително, како што кажа премиерот, членовите на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ вечерва ќе ги информира и дека во полн ек се водат преговори за проширување на владината коалиција со Демократската партија на Турците – партија која во моментов е дел од коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ и е претставена во Собранието со еден пратеник.
„Оваа партија има еден пратеник во Собранието, во рамки на коалицијата предводена од ДУИ. Очекувам овие разговори да завршат успешно. Разговараме за подолг период – за период кој би завршил со завршувањето на локалните избори во 2029 година. Така што, принципиелно, на овој начин би се формирал новиот владин кабинет“,
изјави Мицкоски.
Премиерот потврди дека со владината реконструкција ВМРО-ДПМНЕ ќе ги добие ресорите Здравство и Социјална политика, демографија и млади. Коалицискиот партнер Влен ќе ги добие ресорите Култура, Правда и Односи меѓу заедниците. ЗНАМ ќе го добие Земјоделство и уште еден заменик-министер. Прашан да сподели конкретни имиња во рамки на владината реконструкција, Мицкоски рече:
„Би било нечесно да кажам дека не ги знам имињата. Се разбира дека ги знам, но ќе ми дозволите да бидам коректен и одговорен до крај и имињата да ги претставам пред членовите на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Би се чувствувал непријатно да говорам за персонални решенија пред да биде одржана седницата на Извршниот комитет, така што ве молам за разбирање.“
