„Трговците на мало мора веднаш да реагираат на оваа изјава и да го направата она што е исправно – намалете ја цената за нашиот прекрасен американски народ! Ако трговците не го сторат ова, ги чекаат големи проблеми. Започнете да се стремите кон бројката од 2,50 долари за галон (3,785 литри)“, напиша тој на неговата социјална платформа Трут соушл
Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп, синоќа ги повика американските трговци со гориво веднаш да ги намалат цените, предупредувајќи ги дека ако не го сторат тоа ќе се соочат со, како што наведеде, големи проблеми.

Според американскиот претседател, цените на горивата во САД се премногу високи, иако цената на нафтата на берзите се продава по 68 долари за барел и има тенденеција да оди уште надолу.
„Трговците на мало мора веднаш да реагираат на оваа изјава и да го направата она што е исправно – намалете ја цената за нашиот прекрасен американски народ! Ако трговците не го сторат ова, ги чекаат големи проблеми. Започнете да се стремите кон бројката од 2,50 долари за галон (3,785 литри)“,
напиша Трамп на неговата социјална платформа Трут соушл (Truth Social).
Тој посебно се осврна на сојузната држава Калифорнија, обвинувајќи ја дека наплаќа многу високи даноци за бензин, кои, како што додава, наскоро ќе станат повисоки од цената на самиот производ.
„Наскоро данокот ќе биде повисок од самиот производ, а Соединетите Американски Држави нема да го толерираат тоа, ниту, пак, луѓето во Калифорнија, кои се злоупотребени од овие смешни даноци и од нивната сопствена управа“,
додава Трамп во објавата.
Инаку, американскиот претседател минатата недела изјави дека му наложил на Министерството за правда на САД да спроведе истрага за нафтените компании затоа што не ги намалиле малопродажните цени на горивата во согласност со цените на суровата нафта. Тој и тогаш ги обвини компаниите дека, како што кажа, претеруваат со цените што им ги наплаќаат на потрошувачите за горивата.
Цените на нафтата годинава достигнаа восоки бројки на светските берзи откако САД и Израел на крајот на февруари го нападнаа Иран, кој возврати со удари врз Израел и врз арапските земји во Персискиот Залив, каде што САД имаат стационирано свои бази.
Потрошувачите во САД изразија загриженост поради високите цени на горивата, а реакцијата на Трамп до трговците доаѓа во пресрет на среднорочните избори за Конгресот во ноември, на кои претседателот и неговата Републиканска партија сакаат да да го задржат тесното мнозинство во Претставничкиот дом и во Сенатот.
Среднорочните избори се така наречени бидејќи се одржуваат на половина од мандатот на актуелниот претседател и традиционално се еден вид референдум за неговата популарност. Речиси секогаш партијата која е на власт во Белата куќа ја губела контролата во Конгресот по одржрувањето на овие избори.
Инаку, дипломатијата меѓу Вашингтон и Техеран за ставање крај на конфликтот неодамна доведе до одредено намалување на малопродажните цени на горивата за Американците.
Примирјето стапи во сила во април и оттогаш е продолжено, но САД и Иран се обвинуваат меѓусебно за негово кршење, што викендот доведе до нова епизода на напади во Ормускиот Теснец.
