Според објави во дел од медиумите, станува збор за превртено возило и повеќе повредени

Од 6 часот утринава е во прекин сообраќајот на автопатот Куманово – Велес, информираат од Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ).
Прекинот е поради сообраќајна несреќа што се случила на клучката кај меѓународниот аеродром „Скопје“, поточно на исклучокот од Скопје што води кон терминалната зграда.
Од АМСМ велат дека сообраќајот се пренасочува преку клучката кај рафинеријата „Окта“.
Од меѓународниот аеродром „Скопје“ потврдуваат дека има пренасочување на сообраќајот и ги известуваат возачите да го користат излезот што води кон стариот влез за аеродромот, односно кон старата аеродромска зграда.
„Ве известуваме дека поради сообраќајна незгода на главниот приод кон терминалната зграда на меѓународниот Аеродром ‘Скопје’, од правец од Скопје кон аеродром, сите возила се пренасочуваат соодветно“,
се вели во објавата од ТАВ Македонија.
Според објави во дел од медиумите, станува збор за превртено возило и повеќе повредени.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) засега нема информација околу сообраќајната несреќа.
