Сè уште нема финално име за Правда и Култура, тоа ќе бидат две нови имиња. Од актуелните министри задоволни сме како партија и ќе продолжат понатаму. Здравство не е дел од пакетот, рече Сали

Коалицискиот партнер Влен ќе раководи со шест министерства по владината реконструкција, соопшти денеска првиот вицепремиер, министер за европски прашања и генерален секретар на Влен, Беким Сали.
Тој посочи дека кадри на Влен ќе министеруваат во Животна средина, Економија, Правда, Евроинтеграции, Култура и Министерството за односи меѓу заедниците.
„Сè уште нема финално име за Правда и Култура, тоа ќе бидат две нови имиња. Од актуелните министри задоволни сме како партија и ќе продолжат понатаму. Здравство не е дел од пакетот“,
истакна Сали одговарајќи на новинарски прашања пред настанот со кој Влен одбележува две години од работењето како дел од владината коалиција.
Додека ги преземаат Министерството за односи меѓу заедниците, кое моментално го води Иван Стоилковиќ, Правда и Култура, Влен го губи Здравство и позицијата вицепремиер за добро управување, кои досега ги водеа Азир Алиу и Арбен Фетаи, а веројатно и Социјала.
Сали кажа дека додека траат преговорите, ќе има отворени теми, но министерствата за животна средина, економија, правда, евроинтеграции, култура и односи меѓу заедниците сигурно ќе им бидат доверени.
Вчера, пак, лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, кажа дека по владината реконструкција, движењето ЗНАМ ќе биде посилно и кадровски и со потенцијал и во располагање на директна имплементација на власта во ресорни министерства и пониски ешалони на власта.
