Мерката ќе биде во сила до 31 август годинава, а за нејзино непочитување предвидени се глоби од 1 500 до 2 000 евра во денарска противвредност
Од 1 јули до 31 август се воведува целосна забрана за движење во шумите – информираат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Одлуката е донесена согласно насоките од Владата и барањата на Јавното претпријатие „Национални шуми“ и националните паркови што управуваат со заштитените подрачја.

Одлуката е донесена за да се превенира појава на шумски пожари на отворен простор во летниот период.
Од Министерството посочуваат дека движењето во шумските подрачја ќе биде дозволено единствено со писмено одобрување издадено од страна на подружниците на ЈП „Национални шуми“ и националните паркови.
„За непочитување на оваа целосна забрана за движење во шумите и шумското земјиште, на физички лица што ќе се затекнати да се движат во шума и шумско земјиште, согласно член 106 од Законот за шумите, ќе им се изрече глоба од 1 500 до 2 000 евра во денарска противвредност“,
информираат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
