Недостасуваше само претседателката за целиот државен врв да присуствува на промоцијата на шест реконстуирани хируршки сали во Клиничкиот центар во Скопје, на почетокот на април годинава. Уште лани во декември, пак, министерот за здравство објави дека е при крај реконструкцијата на КАРИЛ
Ги броиме последните денови од јуни, а ниту се оперира во салите промовирани како комплетно реконструирани, ниту е завршена обновата на КАРИЛ. Зошто – погледнете го видеото
Беше 6 април кога делегација во проширен состав, предводена од премиерот Христијан Мицкоски, се појави на промоција на шест реновирани хируршки сали во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје. Премиерот го придружуваа министерот за здравство Азир Алиу, првиот вицепремиер Беким Сали, дојде и претседателот на Собранието, Африм Гаши, директорот на Фондот за здравство Сашо Клековски, а присутни беа и директорите на ресорните клиники.

Од шесте сали што првично се обновуваа – две се за ТОАРИЛУЦ, две за Клиниката за урологија и две за Детска хирургија.Повеќе од потребни се, па добија место и во централните вести. Сепак, два ипол месеци подоцна, шесте реновирани и промовирани операциони сали се уште не се користат. Тоа беше повод да го прашаме Министерството за здравство кое е носител на проектот – каде закочи работата и зошто ако салите не се готови, уште во април се случи промоција.
Од Здравство ни одговорија писмено. Во дописот велат дека априлската презентација била за завршувањето на „главните градежни, инсталатерски и опремувачки активности предвидени во таа фаза“, иако, како што веќе споменавме, на 6 април ресорното министерство соопшти дека е направена комплетна реконструкција.
Дополнуваат дека, во моментов, се прават проверки.
„Пред започнување со оперативни зафати, неопходно е да бидат завршени задолжителните технички и санитарно-хигиенски проверки на хируршките сали. Во моментот, во тек е валидација на параметрите на термотехничките системи, вклучувајќи температура, влажност, притисок и други параметри значајни за безбедното функционирање на операционите сали. По нејзиното завршување ќе се извршат потребните микробиолошки испитувања, односно земање брисеви, за што се потребни приближно три до четири дена. Доколку резултатите потврдат дека се исполнети потребните услови, шесте операциони сали ќе бидат пуштени во употреба веднаш по завршувањето на овие постапки“,
одговорија од Министерството за здравство..
Од Здравство сега велат дека салите се обновуваат во неколку етапи и дека допрва ќе се пуштаат во употреба.
„Реконструкцијата е организирана фазно, со цел да не се прекине целосно извршувањето на хируршките интервенции. По пуштањето во употреба на првите шест сали, ќе продолжат активностите во преостанатите четири. Точната динамика за нивното завршување ќе биде утврдена во согласност со текот на работите и потребата да се обезбеди непречено и безбедно функционирање на клиниките“,
ни одговорија оттаму.

Што поскоро отворање на операционите сали е од големо значење за засегнатите хируршки клиники. Затоа ги побаравме првите луѓе на трите споменати клиники – ТОАРИЛУЦ, Урологија и Клиниката за Детска Хирургија.
Иако е во странство, прв ни одговори в.д. директорот на Детска Хирургија, Лазо Јовчески. Тој нема точна информација кога салите би биле пуштени бидејќи проектот го води ресорното министерство. Но, ни изјави дека салите имале недостатоци.
„Пред извесно време, на состанок во Министерството помеѓу претставници на изведувачот, клиниките и инвеститорот, од страна на директорите на Клиниките беше укажано на низа недостатоци во изведувањето на проектот за кои изведувачот презеде обврска дека ќе ги отстрани. За ова постои документација во Министерството. После коригирањето на недостатоците, ќе чекаме употребна дозвола и ќе ги тестираме инсталациите за електрична енергија, инсталациите за гасови, вентилацијата и доколку соодветствуваат на пропишаните стандарди, ќе спроведеме микробиолошки тестови неопходни за почеток на работа на салите. Од погоре наведените причини, не би можел да одговарам кога ќе профункционираат салите. Сѐ надевам дека ќе биде многу скоро, но тоа е надвор од нашата контрола како установа“,
вели Јовчески.
Во меѓувреме, Детска хирургија се снаоѓа, за да не трпат пациентите.
„Работиме во една од двете операциони сали на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија. Оперираме во три смени… И ние и колегите од Клиниката за пластична хирургија. Елективната програма ја работиме во прва и втора смена, а итни операции работиме практично 24/7. Неретко докторите се по 12 часа во операциона сала, а се случува дежурствата, односно ангажманот да им трае и по 30 часа и повеќе без престан. Во овој период сите пациенти на кои им била неопходна хируршка интервенција на Клиниката за детска хирургија се навреме згрижени и оперирани. Искрено се надевам дека реконструкцијата на целиот оперативен блок на хируршките клиники ќе заврши ден поскоро на задоволство на персоналот на клиниката, а во интерес на здравствената заштита на нашите пациенти“,
додава директророт Јовчески.

По две од шесте промовирани сали чекаат и ТОАРИЛУЦ и Клиниката за урологија. ТОАРИЛУЦ е клиника која ги обединува трауматологијата, ортопедијата, анестезијата, реанимацијата, интензивното лекување и ургентниот центар. Директорот на оваа клиника, Игор Мерџановски, првично ни кажа дека се координира за да ни даде изјава, но до затворањето на прилогот не добивме негов став. Изјава во камера не даде ни директорот на Урологија, Башким Шабани. Телефонски ни посочи дека во моментов се спроведува технички прием, но и дека операциите не се во застој, оти персоналот работи во две смени.
Реконструкцијата на операционите сали е договорена кон крајот на 2024 година, уште кога во Здравство министеруваше Арбен Таравари. Договорот со фирмата “Стентон градба” тежи 4,5 милиони евра, а проектирањето, ревизијата и изведбата се предвидени по принципот „клуч на рака“. Последните 10% од сумата, пишува во Договорот, ќе бидат исплатени по целосно извршени градежни работи и добиен позитивен извештај од технички прием.

Но, освен хируршките клиники, подновување треба да добие и одделот од ТОАРИЛУЦ за анестезија, реанимација и интензивно лекување, познат по кратенката КАРИЛ. На терен, стојат поставените тараби и информативни табли за изведба и реконструкција на овој оддел. Изведувач е „Универзал Балкан“. Според договорот од март, 2024,, реконструкцијата на КАРИЛ чини околу 2,3 милиони евра, пари кои треба да се исплаќаат по времени ситуации при што последната исплата треба да биде во 2026 година. На договорот е потпишан тогашниот министер Илир Демири.

Сo оглед на тоа што КАРИЛ е во служба за најкритичните пациенти, прашавме како функционираат во меѓувреме? Директорот на ТОАРИЛУЦ Мерџановски, не ни одговори и на ова прашање.
Од Министерството за здравство, кое е носител на проектот, велат:
Активностите поврзани со реконструкцијата се планираат и спроведуваат фазно, во координација со здравствената установа, стручните служби, изведувачот и надзорниот орган. Поради специфичната намена на одделот и потребата да се обезбеди континуитет во лекувањето на пациентите, динамиката на работите се усогласува со организацијата на здравствената дејност и со исполнувањето на сите технички и безбедносни предуслови.
Реконструкцијата за КАРИЛ би требало да заврши наскоро, тврдеше Министерството за здравство уште во декември. Но и тука, како и за хируршките сали, прашање е кога просториите ќе се профункционираат – не за политичка промоција, туку за оние на кои најмногу им требаат.
