Повредениот Г. Н. веднаш бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, каде што му била укажана лекарска помош
Вчера во 18:20 часот во СВР Скопје било пријавено дека на улицата „Рилски конгрес“ дошло до недоразбирање во сообраќајот меѓу возач на патничко возило „пежо“ со скопски регистарски ознаки и 29-годишен мотоциклист Г. Н. од Скопско.

Како што информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР), возачот на „пежото“ удрил во мотоциклот, по што 29-годишниот Г. Н. паднал на асфалтот. Откако мотоциклистот успеал да се подигне, возачот на автомобилот повторно го придвижил возилото и намерно неколкупати удрил во соборениот мотоцикл, но и во друго паркирано патничко возило „ситроен“ со скопски таблички, сопственост на В. О. (44).
Потоа повредениот Г. Н. се обидел да го сопре возачот и се фатил за предната страна на „пежото“.
„Според пријавеното, Г. Н. се фатил за предната врата на возилото ‘пежо’ за да го сопре, но возачот не застанал — продолжил да се движи и да го влече неколку метри. По кратко влечење, Г. Н. паднал на земја, а сторителот со возилото го напуштил местото на настанот“,
информираат од МВР.
Повредениот Г. Н. веднаш бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, каде што му била укажана лекарска помош. Од полицијата нагласуваат дека веќе се преземаат мерки за расчистување на случајот.
