„Тие што управуваа со институции 20 години не успеале, значи тие покажуваат дека не успеале да обезбедат обуки, едукација, унапредување на Албанци во институциите во период од 20 години, за ние утре, еве денес ние ВЛЕН, коишто нели според нив без достоинство ги претставуваме Албанците во институциите, да не можеме да ги унапредиме Албанците коишто заслужуваат, врз основа на меритократија“, вели првиот вицепремиер, министер за европски прашања и генерален секретар на Влен во интервју за „360 степени“ на МРТ 1

360°: Една од темите на кои ДУИ жестоко ве критикува е предлог-законот за соодветна и правична застапеност. Патем, вие сте владиниот претставник за тој закон во Собранието. Во ДУИ го сметаат за катастрофално решение, бараат негово повлекување од собраниска процедура, сметаат дека со него се дерогира темелното уставно начело за соодветна и правична застапеност. Колку, според вас, овој закон навистина е замена за „балансерот“?
Сали: Па, значи вака, основата на овој закон е во Охридскиот договор. Тие што со знаме на Охридски договор добија неколку циклуси на избори, не успеаја да обезбедат закон за застапеност. Ние во период од година и пол отприлика успеавме и законот и консолидација во Владата и одлука на Владата како предлог на Владата да го пуштиме во Собрание. Тоа е во собраниска процедура. Првото читање помина, сега утре е второто читање во Комисија за политички систем. Јас очекував реално поконкретна дебата за да имаме подобар закон. Не сметам дека е идеален, меѓутоа е најдобар досега. И дека е замена на ‘балансерот’, тоа е несомнено, затоа што ‘балансерот’ го повлекоа, го дерогираа тие самите. Значи, во време на таа влада ние имаме потписи собрани од пет министерства коишто ги управуваа експоненти на ДУИ, со коишто дадоа мислење дека ‘балансерот’ треба да се повлече затоа што во согласност со агенда којашто е 2022-2028, ако не се лажам, за реформи во јавната администрација, ‘балансерот’ не треба да биде функционален.
360°: Тезата е дека овој закон нема да обезбеди соодветна и правична застапеност. Дека прво ќе води сметка за квалитетот, а потоа евентуално за етничката припадност.
Сали: Значи, тоа е… се трудам да го издефинирам убаво тоа… еклатантно понижување на албанскиот фактор во институциите.
360°: Оваа теза мислите?
Сали: Да. Тие што управуваа со институции 20 години, не успеале, значи тие покажуваат дека не успеале да обезбедат обуки, едукација, унапредување на Албанци во институциите во период од 20 години, за ние утре, еве денес ние ВЛЕН, коишто нели според нив без достоинство ги претставуваме Албанците во институциите, да не можеме да ги унапредиме Албанците коишто заслужуваат, врз основа на меритократија.
360°: Сакате да кажете дека признаваат дека тие Албанци што се вработени не се квалитетни?
Сали: Не се способни. Значи, тоа го кажуваат. И за жал, тоа е големо понижување за албанскиот народ којшто живее во Македонија. И со три универзитети коишто ги имаме, тие сакаат да кажат дека тие три универзитети коишто се основани во период кога тие управуваа со Владата и со државата, не успеале да обезбедат кадар којшто утре ќе конкурира и ќе добие одредено место заслужено врз основа на меритократија во институциите на државата. Ова е прво. Второ, коешто апсолутно нема врска со вистината, е фактот што во законот е јасно прецизирано дека вработувањата и претставувањето во институциите ќе биде врз основа на последниот попис во државата. Значи, доколку тоа е почетна точка и тоа е проекцијата како треба институциите во иднина да дејств, сметам дека тоа е доволен показател, затоа што тоа е член во законот. А дополнително како аргумент за ова дека така ќе биде, тоа се подзаконските акти коишто треба координативното тело коешто е основано од Владата, ќе ја следи ситуацијата на реализација на конкурси – каде што има квалитет, каде што има претставници од сите подпретставени етникуми во државата да бидат во можност да бидат вработени и ангажирани во институциите.
360°: Тоа е една од основите за критика – дека практично законот е некаква рамка којашто сега допрва ќе треба да се дефинира и пополнува со подзаконски акти.
Сали: Па, секој закон има подзаконски акти. Мислам, нема закон којшто нема подзаконски акт. Зошто се подзаконските акти? Затоа што доколку ние во законот денес напишеме толку проценти треба да бидат овој етникум, толку процент вториот и третиот и четвртиот, тоа значи дека после следниот попис ние треба да го смениме законот. Со ова се рефлектира или незнаење на основни работи, или пак…
360°: Праксата ќе биде најдобар показател за тоа кој бил во право, но да ве прашам – зошто се донесе одлука законот да се носи со т.н. ‘мал бадентер’?
Сали: Причината зошто конкретно со ‘мал бадентер’ не ја знам, не сум бил дел од таа.
360°: Ги немате бројките? Го немате ‘големиот бадентер’ во парламентот?
Сали: Не, имаме, значи видете, ние покажавме дека имаме капацитет за тоа. Со изборот на народниот правобранител, мислам дека покажавме дека имаме капацитет за тоа и знаеме како да се изнајде решение меѓу сите гласачи, односно пратеници коишто не се од мнозинството во Собранието, да можеме да повлечеме од нив поддршка за да се изгласа одредена законска одлука, односно некоја кадровска одлука во Собранието. Меѓутоа, причината во Комитетот беше, имаше дискусија и врз основа на таа дискусија се одлучило да биде со „мал бадентер“.

360°: Дел од тезите на ДУИ се дека така повторно се изигрува Охридскиот договор, дека практично словото на Охридскиот договор е дека се бара мнозинство од вкупниот број пратеници во Собранието, но вие имате свое објаснување.
Сали: Па, тие цело време им е полна устата со Охридски договор, меѓутоа не го почитуваат Охридскиот договор во делот на претставувањето на етничките заедници.
360°: Го слушнавте Али Ахмети кога вели дека Влен ги дезинформира, ги манипулира и Албин Курти и меѓународната заедница за Охридскиот договор. Знаете ли на што се однесува тоа?
Сали: Па, не знам на што мислел, само знам една работа дека тие се многу активни со посети во меѓународни институции за дезинформирање, ќе кажам, за сето тоа што се случува во државата. Дури еден пратеник кажа дека може лесно да се изманипулираат дипломатите. Значи тоа беше исто еден скандал, меѓународен, мислам во дипломатскиот кор, политички претставник таква квалификација да даде за дипломатите. Меѓутоа, очекувам од нив разум и да почнат да креираат здрави политики, не само да се жалат дека Охридскиот договор ќе биде злоупотребен и албанскиот јазик ќе се негира во институциите и нема да има негова имплементација според законот за јазици.
