Меѓу обврските што ќе бидат завршени до крајот на овој месец, министерот за европски прашања го вбројува и Изборниот законик, иако СДСМ ја напушти работната група за негово усогласување

Првиот вицепремиер и министер за европски прашања Беким Сали е оптимист дека Владата ќе успее во грејс-периодот до 30 јуни, да заврши 9,5 од 10 обврски од Реформската агенда. Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, тој вели дека се работи максимално за да се исполни она што се очекува.
На новинарско прашање како би се постигнало тоа, со оглед на тоа што до крајот на месецот има уште неколку дена, а меѓу „заглавените“ задачи е и Изборниот законик, од чие усогласување опозицијата се повлече, Сали верува дека и таа обврска ќе биде исполнета.
Беким Сали: Па, интензивно се работи. Опозицијата јавно изјавува дека нема да пречи на Реформската агенда и сите закони коишто се во делот на Реформската агенда. Од друга страна, ја бојкотира работата на комисијата. Меѓутоа, тоа е нивна политичка одлука. Ние продолжуваме со работа…
360°: Рекоа дека преку ноќ беше сменет Законот за Влада без тие да дадат согласност за тоа прашање и ова е одговор на тоа – нивното излегување од работната група за Изборниот законик.
Беким Сали: …Мислам дека тоа нема врска со ова. Меѓутоа, ќе се најде причина зошто да се бојкотира нешто. Ние се основаме на тоа што тие го изјавуваат во јавност и пред меѓународниот фактор дека сè што е поврзано со евроинтеграции нема да го попречуваат.
Според Сали, намалување на државната интервенција во цената на струјата ќе се смета за половина исполнет чекор. Следуваше прашање – како.
Беким Сали: Значи вака, ние имаме постојана комуникација со Европската комисија коишто се нашите партнери за договарање околу точките. Значи речиси секоја недела имаме координација и состаноци за точките во детали – во што ние треба да се адаптираме или, пак, да изнајдеме начин како да бидат исполнети точките. Во тој дел сметам до крај на месецот веќе ќе се исполни половина чекор. Така сме договорени.
360°: А, законите за плати на судиите, обвинителите, судска администрација? Гледаме сега дека во Собранието законите за јавнообвинителската служба и за судската администрација наидуваат на критики од засегнатите страни.
Беким Сали: Затоа што очекувањата се секогаш поголеми од тоа што е реално. Тоа што е побарано и реално, тоа се нашите обврски да ги исполниме.
360°: Од 10 обврски велите ќе исполните 9 и пол?
Беким Сали: Да.
