На прашањето колку внатрепартиските промени во СДСМ донеле промени, Филипче посочи дека постојаниот фокус на владејачката партија кон СДСМ е доказ дека капацитетот на опозицијата расте и оти е консолидирана. Тој изрази задоволство од придонесот на партиските структури, но и од новиот бран поддршка што ја добиваат

Опозицијата нема да му даде алиби на премиерот за распишување предвремени парламентарни избори, а најавената реконструкција на Владата ќе донесе само козметички промени без суштински напредок за граѓаните. Ова го изјави лидерот на СДСМ, Венко Филипче, одговарајќи на новинарски прашања околу пораките од власта дека се подготвени да има избори.
Според Филипче, изјавите на премиерот на оваа тема се контрадикторни – од најави за редовни, до тврдења дека се подготвени за предвремени избори.
„И кажавме – избори ќе има кога ќе им снема пари, затоа што тоа е концептот на нивното владеење. Кога ќе ги дотрошат сите пари за партиски тендери, тогаш ќе одат на избори. Нема да бара алиби, ниту ќе му дадеме ние како опозиција за предвремени избори“,
рече претседателот на СДСМ.
Коментирајќи ја најавената реконструкција на владиниот кабинет, Филипче истакна дека граѓаните не треба да очекуваат никакви позитивни промени или економски мерки кои би го подобриле нивниот стандард.
„Ќе се заменат некои луѓе, ќе си ги заменат фотелјите и се ќе биде исто“,
вели тој.
Според него, без оглед на тоа кои имиња ќе дојдат на министерските позиции, „тендер-коалицијата ќе продолжи да функционира“.
На прашањето колку внатрепартиските промени во СДСМ донеле промени, Филипче посочи дека постојаниот фокус на владејачката партија кон СДСМ е доказ дека капацитетот на опозицијата расте и оти е консолидирана. Тој изрази задоволство од придонесот на партиските структури, но и од новиот бран поддршка што ја добиваат.
„Од една страна велат дека партијата била пред изумирање, не знам како ќе не победеле на избори, а од друга страна секој ден се занимаваат со нас. Тоа значи дека знаат дека нашиот капацитет расте и дека партијата е консолидирана“,
истакна лидерот на социјалдемократите.
Тој додаде дека на СДСМ секојдневно им се приклучуваат интелектуалци, граѓански активисти и млади луѓе кои, како што вели, препознаваат дека оваа политичка опција е единствената сигурност за напредокот на државата.
