Опозицијата ја оценува најавената владина реконструкција како обична шминка и ја нарече „преуредување на фотелји во рамките на истата неуспешна политика“

Мицкоски секогаш има нов рок, а никогаш резултати. Вака опозициската СДСМ ја коментира денешната најава на премиерот дека списокот за реконструкција на Владата ќе биде готов до 1 јули. Од партијата обвинуваат дека премиерот континуирано поставува нови рокови за да го прикрие неисполнувањето на претходните ветувања.
Според СДСМ, пред само неколку недели Мицкоски тврдел дека до 1 јуни ќе бидат исполнети клучните реформи во државата, но тој рок поминал без никакви резултати, без објаснување и без преземање одговорност.
„Сега, наместо да одговара за неисполнетите реформи, Мицкоски нè префрла на нов рок – 1 јули за реконструкција на Владата, како да е тоа најважното прашање во моментов. Прашањето е: Кој ќе одговара што реформите до 1 јуни не беа исполнети? Кој ќе сноси одговорност за тоа што Македонија и понатаму стои блокирана на европскиот пат?“,
прашуваат од СДСМ.
Опозицијата ја оценува најавената владина реконструкција како обична шминка и ја нарече „преуредување на фотелји во рамките на истата неуспешна политика“.
Од партијата потенцираат дека кадровските промени во извршната власт нема да донесат суштински промени бидејќи тие не ги решаваат реалните проблеми на граѓаните, не ги зголемуваат платите, не ги намалуваат цените, не ги враќаат младите во државата и не ја отвораат вратата кон Европската Унија.
„Мицкоски веќе две години функционира на принципот ‘од први до први’. Секогаш има нов рок за нешто ново, а никогаш нема резултати – само лажни ветувања. Граѓаните повеќе не веруваат во неговите рокови, тие сакаат резултати, кои ги нема, ниту ќе ги има со оваа криминална група и тендер-коалиција“,
се додава во партиското соопштение на СДСМ.
Реакцијата на СДСМ доаѓа откако денеска премиерот Христијан Мицкоски рече дека најдоцна до 1 јули се очекува списокот со новиот владин кабинет да се најде пред пратениците во Собранието и оти очекува процесот за реконструкција на Владата во првиот ешалон да се формализира до крајот на овој месец.
