Регистарот е целосно јавен и бесплатен за пребарување. Граѓаните можат да пребаруваат по име на фирма, категорија или веб-адреса на: ecommerce.mk/registar

Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ) го објави најновото, ажурирано издание на Регистарот на е-трговци. Оваа единствена сеопфатна база има за цел да им помогне на граѓаните брзо и едноставно да проверат од кого купуваат пред да извршат онлајн плаќање со своите картички.
Новата база им овозможува на потрошувачите со еден клик да проверат дали одредена е-продавница е регистриран правен субјект со интегрирано и безбедно онлајн плаќање преку банка.
За потребите на ова ажурирање, АЕТМ користеле и алатки базирани на вештачка интелигенција за автоматизирана проверка на активноста, достапноста и категоризација на е-продавниците.
Регистарот е структуриран систем кој се ажурира во соработка со петте водечки банки кои процесираат е-трансакции во земјава – Комерцијална банка, НЛБ банка, Стопанска банка, Халк банка и УНИ банка.
Во регистарот се е-трговци што се регистрирани како правен субјект во Македонија, да има интегрирано систем за онлајн плаќање и да реализирал најмалку една трансакција во текот на 2025 година.
„Регистарот на е-трговци ни овозможува не само да ги идентификуваме активните е-продавници туку и да добиеме појасна слика за тоа кој ја сочинува понудата на домашниот пазар. Анализата покажува дека покрај традиционално силните категории, како козметика, мода и електроника, забележуваме сè поголема застапеност имаат услугите – едукацијата, туризмот и дигиталните производи, што е показател за зреење на дигиталната економија и проширување на навиките за онлајн купување кај потрошувачите“,
вели Нина Ангеловска-Станков, претседателка на АЕТМ.
Ажурираната база моментно опфаќа 1 374 активни е-продавници распоредени во 25 категории. Податоците покажуваат дека најголем дел од понудата во македонската е-трговија ја сочинуваат продавници за козметика, производи за убавина или нега – 115, облека, обувки и модни додатоци – 100, храна и пијалаци- 87, бела техника и електроника – 86. За туризам и патувања има 81 продавница, за дигитални услуги и стриминг се 73, едукација – 71 и за дом, мебел и градина – 61 продавница.
Од АЕТМ велат дека освен што ги штити купувачите, регистарот има важна улога и во борбата против нерегистрираните трговци и сивата економија, правејќи го пазарот транспарентен. За самите компании кои се наоѓаат во него, регистарот претставува дополнителен знак на кредибилитет и доверливост, како и можност за поголема видливост пред потенцијалните купувачи.
Според анализата на АЕТМ на најновите податоци од Народната банка на РСМ, во 2025 година вкупната вредност на онлајн трансакциите достигна 950 милиони евра, што претставува раст од 32 отсто во однос на претходната година. Од нив, 522 милиони евра се слеале кон македонските е-трговци, а бројот на активни места на продажба за е-трговија е зголемен за 84 во однос на 2024 година.
Регистарот е целосно јавен и бесплатен за пребарување. Граѓаните можат да пребаруваат по име на фирма, категорија или веб-адреса на: ecommerce.mk/registar.
