Косовскиот премиер Авдулах Хоти изјави дека ситуацијата со пандемијата на ковид-19 во земјата е алармантна и најави дека, поради големиот пораст на бројот на заболени, можно е одредени места повторно да се стават во карантин, јави МИА од Приштина.
Во изјавата по состанокот со Комитетот за справување со пандемијата, Хоти рече дека надлежните власти ја разгледуваат можноста за ставање во карантин на некои од местата каде што последните денови се појавија голем број заразени од новиот коронавирус.
Според косовскиот премиер, ситуацијата е се уште под контрола, но е мошне кревка, поради што се потребни максимални напори од сите надлежни за да се запре моменталниот тренд на ширење на пандемијата.
„Треба да ги регулираме малку подобро погребните церемонии. Полицијата ќе ги добие сите потребни овластувања“,
најави Хоти.
Тој рече дека се ставени во функција сите ресурси, а нагласи дека состојбата е посебно тешка во инфективните клиники.
„Имаме 49 смртни случаи. Инфективната клиника (во Приштина) е преполнета и нема веќе места за пациенти. Се создаваат места на други клиники. Мерките се едноставни: носење маски, одржување дистанца и миење на рацето. Обврзани сме да ги почитуваме“,
порача Хоти, најавувајќи казни за сите кои не ги почитуваат упатствата и препораките на здравствените власти.
Според министерот за здравство Арменд Земај третата фаза на постепено отворање на економијата резултира со пораст на случаите на заразени, за што најмногу придонело непочитувањето на мерките од страна на бизнисите и најави нова стратегија со масовни тестирања.
Досега во Косово се регистрирани 2 677 случаи на заразени од новиот коронавирус, од кои активни се 1 203.