Американската амбасадорка Кејт Мари Брнз денеска во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија ја предаде донацијата од Соединетите Американски Држави, преку Бирото за меѓународна борба против наркотици и спроведување на законите (ИНЛ), во вредност од 35 000 американски долари како поддршка за намалување на ширењето на ковид-19.

„Ова е едно исклучително тешко време и навистина е импресивно како правосудните институции тука во Северна Македонија продолжија да ги исполнуваат своите професионални задачи дури и во овие несекојдневни услови. Сакам да ги пофалам за нивната посветеност да ги заштитат животите на нивните вработени и на граѓаните. Мило ми е што ние можеме да помогнеме денеска со оваа донација“,
рече Брнз.
Поддршката на САД во Северна Македонија, како што посочи амбасадорката, е дел од нивната стратегија да се спасат животи и да се намалат ефектите на секундарното влијание во земјите зафатени од коронавирусот.
Донацијата што ја предаде амбасадорката Брнз ја презедоа в.д. претседателот на Врховниот суд Фаик Арслани, државниот јавен обвинител Љубомир Јовески и директорот на Управата за извршување санкции Јовица Стојановиќ.

„На сите ни е јасно дека само со координиран пристап, солидарност и тесна соработка ќе ја добиеме оваа битка со многу опасниот коронавирус. САД се многупати докажан пријател и поддржувач. Тие се со нас во справувањето со сите досегашни предизвици“,
рече Јовески.

Во рамките на оваа донација, судовите, Академијата за судии и јавни обвинители, Судскиот совет, јавните обвинителства, Советот за јавни обвинители, затворите и Управата за извршување санкции добија средства за чистење и дезинфекција на површини и антибактериски гелови за дезинфекција и суво миење раце.
Амбасадата на САД во Скопје додели вкупно 6 360 пакувања од по половина литар антибактериски гел за дезинфекција и суво миење раце како и 400 средства/раствори од по 10 литри за чистење и дезинфекција на површини, набавени од домашни производители.
