Како позитивен го оцени обидот за релативизирање на правото на вето во процесот на проширување на Европската Унија
Според неа, Европската Унија треба да изнајде механизми што ќе спречат блокирање на проширувањето поради историски и идентитетски прашања, наместо врз основа на исполнувањето на европските стандарди
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова смета дека земјите од Западен Балкан се значително понапред во евроинтегративниот процес од Украина и Молдавија, посочувајќи дека пречките со кои се соочува Северна Македонија на патот кон Европската Унија се „ирационални“.
Ги поздрави иницијативите за ограничување на можноста за користење вето во процесот на проширување, оценувајќи ги како позитивен исчекор.

Одговарајќи на новинарски прашања по одбележувањето на Денот на адвокатурата во Адвокатската комора, Сиљановска-Давкова истакна дека скрининг-процесот покажува оти регионот е подалеку во евроинтеграциите од дел од другите земји кандидати.
„Имам длабоки чувства и разбирање за Украина, исто така и за Молдавија, меѓутоа не можам, а да не кажам дека Западен Балкан е многу понапред од нив. Скринингот тоа го покажува. Пречката кон нас е ирационална според мене“,
рече таа.
Како позитивен го оцени обидот за релативизирање на правото на вето во процесот на проширување на Европската Унија.
„Чекорот од состојбата во која 26 држави членки оценуваат дека се исполнети високите стандарди и европските критериуми, а една држава може да го блокира процесот, отвора сериозни прашања“,
вели претседателката.
Според неа, Европската Унија треба да изнајде механизми што ќе спречат блокирање на проширувањето поради историски и идентитетски прашања, наместо врз основа на исполнувањето на европските стандарди.
Во однос на македонско-бугарските односи и изјавите на поранешниот член на Заедничката историска комисија Огнен Вангелов, претседателката оцени дека неговите ставови за улогата на протоколите во процесот се основани и произлегуваат од непосредното искуство во работата на Комисијата.
„Мислам дека она што го кажа професорот Вангелов е точно. Не само низ призма на правна анализа на Договорот, туку и низ призма на неговото конкретно искуство во работата на Комисијата“,
кажа Сиљановска-Давкова.
Посочи дека се потребни дополнителни гаранции во процесот, имајќи предвид дека прашањата поврзани со протоколите редовно се отвораат во билатералните разговори.
Осврнувајќи се на инцидентот со возило на бугарската амбасада, Сиљановска-Давкова го осуди настанот како вандалски чин, но повика да не се носат предвремени заклучоци пред завршувањето на истрагата и судската постапка.
„За мене напад на возило е вандалски чин, но велам дека не можам однапред да пресудам. Судот ќе каже што се случило. Не би требало да ги наруши односите, а зошто? Бидејќи ми се чини дека побрза акција и реакција немало. Да почекаме што ќе каже судот“,
кажа шефицата на државата.
Осврнувајќи се на критиките од опозициската СДСМ во врска со нејзините ставови за уставните измени, претседателката рече дека не поддржува ничии барања, туку ги застапува сопствените ставови и смета дека земјата не треба да губи време на идентитетски прашања.
„Не треба да губиме време, не треба да ни го земаат времето на идентитетски проблеми, туку треба да нè остават да се фокусираме на Копенхашките критериуми“,
вели таа.
