Како што истакна Димовски, постојната законска рамка за ТИРЗ наметнува ограничувања за типот дејности што можат да влезат во нив, додека со пренамената во индустриски зони просторот ќе се отвори за секаков вид производство и услуги

Неоперативните технолошко-индустриски развојни зони (ТИРЗ) во Делчево, Берово, Виница и неколку други града ќе се трансформираат во индустриски зони. Ова денеска го најави директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Гоце Димовски, појаснувајќи дека целта е овие капацитети да се стават во функција на локалниот економски развој и да им се понудат на домашните компании за проширување на нивните бизниси.
Како што истакна Димовски, постојната законска рамка за ТИРЗ наметнува ограничувања за типот дејности што можат да влезат во нив, додека со пренамената во индустриски зони, просторот ќе се отвори за секаков вид производство и услуги.
Директорот Димовски посочи дека овие зони се изградени пред 10 до 15 години, но демографската слика во тие региони денес е драстично променета, па затоа е потребен нов пристап.
„Целта е како да ги ставиме во функција и да му помогнеме на домашниот бизнис да добие урбанизирано земјиште, со соодветна инфраструктура, а со тоа да го зголеми локалниот економски развој и целиот развој во државата“,
рече Димовски.
Што се однесува до моментната состојба во другите региони, тој информира дека во ТИРЗ Струга во моментов успешно работат две компании што вработуваат сериозен број луѓе, но намерата на Владата е таму да се донесе уште некој нов инвеститор.
Димовски додаде и дека од 2025 година во земјава се работи на креирање на нова Стратегија за привлекување странски инвестиции за периодот 2027-2037 година. Според Димовски, овој документ ќе ги опфати сите аспекти и цели на државата, вклучително и диверзификацијата на инвестициите.
Директорот нагласи дека последната ваква стратегија во земјата била заклучно со 2017 година и оттогаш до 2024 нема никаков документ.
