Одговарајќи на новинарски прашања, министерката истакна дека најголемиот дел од матурантите испитите ги полагале совесно и без злоупотреби

Овогодинешната државна матура е спроведена на високо организациско ниво, во најдобар ред и мир, со драстично намален број случаи на препишување, вели министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Одговарајќи на новинарски прашања, министерката истакна дека најголемиот дел од матурантите испитите ги полагале совесно и без злоупотреби.
Јаневска вели дека полагањето во големи простории оневозможило нелегални дејствија.
„Можеме да се пофалиме дека оваа година државната матура помина во најдобар ред, организирана така како што треба. Најголем дел од полагањата се одвиваа во големи простори, каде што учениците едноставно немаа можност да прибегнат кон нелегални дејствија“,
изјави Јаневска.
Таа додаде дека напредокот е очигледен ако се погледнат бројките на санкционирани ученици. Во двата испитни термина, поради фаќање на дело при препишување, од процесот биле отстранети шеесетина ученици.
Јаневска информира дека овие ученици ќе имаат можност повторно да полагаат во следниот испитен рок во август.
Министерката истакна и дека годинава е воведен нов пристап во полагањето, со два типа матура во зависност од наставните планови и програми, со што, како што рече, е исправена досегашната нерамноправност меѓу учениците.
