„Мојата препорака до пратениците е, сум рекол, ако помине тој закон, не знам што ќе правиме понатаму. Пошто за мене после тоа ‘потоп’, што би се рекло. Да најдат начин, да најдат филибастеринг, да најдат механизам да се одложи таа седница“, вели потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи

По тоа – потоп. Вака потпретседателот на опозициската ДУИ, Бујар Османи, ги опишува последиците од потенцијалното носење на предлог-законот за соодветна и правична застапеност, кој е во собраниска процедура.
Во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ 1, Османи рече дека пратениците треба да најдат начин да го запрат носењето на тој закон.
Османи: Видете, не сум пратеник. Мојата препорака до пратениците е, сум рекол, ако помине тој закон, не знам што ќе правиме понатаму. Пошто за мене после тоа „потоп“, што би се рекло. Да најдат начин, да најдат филибастеринг, да најдат механизам да се одложи таа седница.
360°: Тоа со новиот деловник не е можно.
Османи: Знам, нека смислат нешто. Ова знам дека не е коректно сега, веројатно и ќе ми се лутат пратениците и ќе кажат – аха, тебе ти е лесно од комодитетот, не си во Собрание, потпретседател на партија, меѓутоа повеќе сакам со ова да укажам колку е штетен овој закон. Колку штета ѝ се прави на суштината на Охридскиот договор. Значи Бадентер го нема, правичната застапеност ја нема, јазикот го нема, европската перспектива ја нема.

На прашањето дали е логично тоа што го изјави премиерот Христијан Мицкоски – дека нема мал и голем Бадентер бидејќи ако сите пратеници од немнозинските заедници се присутни во пленарната сала во моментот кога ќе се гласа, де факто има голем Бадентер, Османи рече дека тоа е обид за изигрување на Охридскиот договор.
Османи: Тоа е изигрување, обид за изигрување на Охридскиот договор. Нема мал Бадентер. Мал Бадентер е измислица со цел да се изигра и да се поништи и последниот столб. Јас реков, денот кога се измисли овој мал Бадентер, тогаш реков – ова е погребот на Охридскиот договор.
360°: Но, и претходно се гласале закони со мнозинство од присутните пратеници од немнозинските заедници.
Османи: Тоа е погрешно толкување на Охридскиот договор. И да се правело порано и да се правело сега. Јасен е Охридскиот договор дека правото на вето (условно), односно двојното мнозинство, е од вкупниот број пратеници од немнозинските заедници.
360°: Но, тоа во Уставот е врзано за точно определени одлуки, на пример за уставни измени, за амандмани на Устав.
Османи: Сега што се случува? Тука целта е да се следат постојано пратениците од немнозинските заедници дали ќе излезат на цигара, дали ќе излезат за било која потреба, и тука веднаш да се постави на дневен ред, да се изгласа. Со изигрување ли ќе го правиме овој процес? Па со изигрување беше до 2001 година и тоа создаде револт за којшто се договоривме дека поставуваме правила на игра.
360°: Пленарните седници поинаку се закажуваат. Сигурно ќе знаете кога ќе биде тоа прашање на дневен ред.
Османи: Па јас знам што се случува практично. Значи, во неколку наврати Бадентер е изигран со тоа што го искористиле моментот кога пратениците од немнозинските заедници не биле во салата.
360°: Добро, на крај, ако е толку многу важно прашањето, вашите пратеници ќе бидат редовни и ќе внимаваат да бидат внатре.
Османи: Ама зошто го изигруваме процесот? Многу е јасно.
360°: Вие нема да гласате за тој закон?
Османи: Видете, јас имам дури и порадикален став. Јас мислам дека најголемата трагедија што му се случува на Охридскиот договор е тој закон за правична застапеност, бидејќи е тотално спротивен на концептот на правична застапеност.
360°: Каде на пример? Тој вели дека се базира на податоците од последниот попис, значи повторно води сметка за процентите.
Османи: Прво, го враќа тој лажниот меритократски систем што го имаше пред 2001 г. Знаете, и порано беше на меритократија – ниту една институција немаше ниту еден Албанец. Вие знаете, 0,2 отсто беше на мојата клиника.
360°: Добро ама па и после принципот – ако си член на ДУИ може, ако не – не може, беше ли во ред.
Османи: Не, не, тоа е друга тема. Прво да кажеме, се тогаш беше системот на меритократија – некако Албанците никогаш не беа заслужни за било која позиција. И се договоривме 2001 г. – дајте да има механизми за правична застапеност согласно амандманот шест. Сега повторно го враќаат тој принцип за прво да биде меритократијата, па после од тие што ќе поминат – ајде ќе видиме. Спротивен е „балансерот“. „Балансерот“, меритократијата се бира во рамки на кандидатите што се од таа етничка заедница. Ако треба десет Албанци, ќе конкурираат сто, најдобрите десет од тие сто се вработуваат.
Прашан – што е порадикалниот став што го има, Османи посочи две поенти.
Османи: Значи, прво е ова што го менува концептот. Значи ова е спротивен концепт од идејата на Охридскиот договор. И второ, „бош“ е законот. Законот нема ниту еден механизам. Законот има комисија што еднаш годишно, ја води еден министер, ќе седнуваат и ќе разгледуваат.
360°: Добро, предвидено е дополнителни документи да се носат.
Османи: Кои дополнителни? Па тоа е народниот правобранител го прави тоа, тоа невладините организации ги следат и ги мониторираат. Не извршната власт. Извршната власт треба да има извршни механизми како да гарантираат правична застапеност. Затоа велам, принципот беше јасно поставен – има пет места за Албанци, десет за Македонци – ќе конкурираат сто Албанци, ќе се бираат првите најдобри пет, ќе конкурираат двесте Македонци, ќе се бираат првите најдобри десет. Ова е пристапот. Они што прават? Прво ќе направиме систем на меритократија во кој ќе ги исклучат сите други, и после ако остане некој, ајде да видиме кој.
