Одлуката, како што пренесоа дел од медиумите, ја донела судијката Љубица Колиќ на денешното подготвително рочиште за парничната постапка. Судијката го прифатила барањето на полномошникот на Ристоска, адвокатот Лазе Сандев, премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, да биде повикан да даде исказ бидејќи во моментов тој е актуелен законски застапник на партијата
Ристоска на почетокот на годинава информира дека поднела тужба против владејачката партија поради соопштението објавено во октовмри лани во кое ексобвинителката ја нарекоа поранешна „ѕвезда“ на пропаднатото Специјално јавно обвинителство и ја критикуваа нејзината обвинителска работа, обвинувајќи ја дека земала бонуси во време додека државата се гушела во неправда
Граѓанскиот суд во Скопје ќе му испрати покана на премиерот Христијан Мицкоски на 9 октомври да се појави во судот и да биде сослушан како странка во постапката во врска со тужбата што лани против политичката партија ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе поранешната обвинителка Ленче Ристоска. Таа на почетокот на годинава информира дека поднела тужба против владејачката партија поради соопштението што таа го објави во октовмри лани, во кое ексобвинителката ја нарекоа поранешна „ѕвезда“ на пропаднатото Специјално јавно обвинителство и ја критикуваа нејзината обвинителска работа, обвинувајќи ја дека земала бонуси во време додека државата се гушела во неправда.

Одлуката, како што пренесоа дел од медиумите, ја донела судијката Љубица Колиќ на денешното подготвително рочиште за парничната постапка. Судијката го прифатила барањето на полномошникот на Ристоска, адвокатот Лазе Сандев, премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, да биде повикан да даде исказ бидејќи во моментов тој е актуелен законски застапник на партијата, објави „Слободен печат“. Поканата, како што пренесоа медиумите, ќе биде доставена на адресата на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.
Полномошникот на партијата, Ружица Николовска, го оцени како нецелисходно изведувавање на овој доказ, но, сепак, како што кажа, конечната одлука ја остава на Судот.
Во одговорот на тужбата, од партијата неведуваат дека со соопштението за кое Ристоска поднесе тужба, се отвора дебата за сериозно јавно прашање, односно бонусите на понарешното Специјално јавно обвинителство, неговото работење и успешност, и во контекст на тоа не се соогласуваат со наводите на тужителот дека станува збор за индивидуализација, бидејќи не била спомената со име и со презиме.
„Со таквиот дел на соопштението се алудира на самата институција која тужителката ја претставува. Не е насочено лично кон нејзе со име и презиме. Во јавноста токму тужителката која постапуваше во случајот во кој е обвинета партијата, секогаш излегуваше со соопштение, јавни наводи, критики, повикувања, како кон субјектот така и кон неговите претставници. Ако се има предвид ваквата тужба и својството на тужителката во моментот на поднесување на тужбата претставува редок прв случај на отворен конфликт меѓу обвинител и странка, што несомнено отвора прашања за професионална непристрасност“,
рече Николовска, пишува „Слободен печат“.
Сепак, во соопштението објавено во октомври минатата година, името и презимето на тогашната обвинителка беа во неговите први редови.

Од друга страна, правниот застапник на Ристоска, адвокатот Сандев, пред Судот рече дека во случајот не може да стане збор за за јавен интерес за покренување на прашањето за бонусите на СЈО, бидејќи соопштението не е насочено на институцијата и работата на поранешното Обвинителство, туку е индивидуализирано кон Ристоска.
Според Сандев, Судот треба да го земе предвид ограничувањето на заштитата и непристрасноста на судството. Тој порача дека содржината на соопштението содржи понижувачка форма на изразување, изнесување невистини и непроверени информации и дека единствена намера е да ја ослабне тогашната позиција на обвинителката која ги водеше предметите „Талир1“ и „Талир 2“, во кои е обвинета токму оваа партија, а имотот на партијата е замрзнат.
„Неспорно е дека тужениот е политичка партија која ужива висок степен на политички говор, но таа симетрија не може да се искористи затоа што нападот не е кон политички изразена личност која води политика битка туку нејзиното дејствување е во насока на заштита на имотот на државата и поради тоа, маргината на критика кон неа ужива многу поголема заштита. Она што треба да се заклучи е дека во делот на клевета постојат недокажани фактички тврдења дека таа користела службена картица во служба на Заев и Груби, дека лично таа направила партиска испостава на СДС и ДУИ. Ваквите тврдења не може да се поведат во вредносни судови туку на факти. Факти кои ниту се презентирани во јавноста, ниту во оваа постапка има докази во тој поглед“,
рече Сандев на рочиштето.
Инаку, ексобвинителката бара надомест на материјална штета од 300 000 денари, 150 илјади денари за навреда и уште толку за клевета.
Во реакција на соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, два дена по неговото објавување, Ристоска преку објава на социјалните мрежи побара извинување од партијата во рок од седум дена од објавата на соопштението или да ги докаже своите тврдења. Во спротивно, таа најави дека ќе поведе постапка пред граѓански суд за клевета и навреда против владејачката партија, односно, како што вели таа во објавата, против правното лице што го објавило текстот.
„Сакам да укажам дека како обвинител јас имам не само право, туку и обврска јавно да зборувам за прашања со кои се задира во независноста на обвинителството, се загрозува владеењето на правото и принципот на поделба на власта и се атакува на мојот професионален интегритет. Мојата работа како јавен обвинител е борба со криминалот и таа секогаш се базира на заштита на јавниот интерес, без оглед кој сѐ се јавува како сторител на кривични дела“,
напиша Ристоска на 16 октомври лани.
Дека поднела тужба до Граѓанскиот суд во Скопје, таа информираше на 22 јануари годинава.
За потсетување, сега веќе поранешната обвинителка Ленче Ристоска на почетокот на април поднесе оставка од функцијата јавен обвинител, а како причина ги наведе долгогодишните притисоци, опструкции и неодамнешните одлуки на Советот на јавни обвинители и државниот јавен обвинител со кои ѝ се одземаат предмети на кои работи изминатите години. Во отвореното писмо, Ристоска упати критики до системот, посочувајќи дека нејзиниот интегритет бил директно нападнат. Оставката уследи откако тогаш новоизбраниот државен јавен обвинител, Ненад Савески на 31 март годинава одлучи да ги повлече овластувањата што неговите претходници им ги дале на дел од обвинителите за да можат да работат на предмети од други обвинителства. Со таа одлука на Савески, Ристоска остана без предметите „Талир 1“ и „Талир 2“ против поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ и против партијата како правно лице.
Поранешната обвинителка на ОЈО Скопје и ексобвинителка на СЈО, Ристоска, во јануари годинава поднесе известување до Советот на јавни обвинители во кое укажа на јавно искажаните наводи на премиерот Христијан Мицкоски во интервју во кое тој ја нарекува медиокритет и потврдно одговара на констатацијата на новинарката дека станува збор за клиентелистичко-политичка матрица. Наводите на премиерот таа ги оцени како навреди и неосновани професионални дисквалификации, поради што побара од него јавно да ѝ се извини.
Таа побара заштита и од Советот на јавните обвинители, но неговите членови на 30 март едногласно заклучија дека немало надворешно влијание врз работата на обвинителката, ниту, пак, дека е загрозен нејзиниот професионален интегритет.
Два дена подоцна таа соопшти дека поднесува оставка од функцијата јавен обвинител.
