Од фотографиите што „360 степени“ ги направи на терен може да се види дека станува збор за возила од марките „киа“ и „сузуки“
Од МВР нема официјална информација за причините за пожарот. Неофицијално, возилата се намерно запалени, а полицијата трага по сторителот

Две патнички моторни возила се опожарени непосредно кај Амбасадата на Република Бугарија во Скопје. Од скопската Противпожарна бригада велат дека по брзата интервенција огнот е изгаснат.
„Опожарени се две патнички возила. Интевенираа тројца пожарникари со едно противпожарно возило“,
вели Звонко Томевски, командант на скопската Противпожарна бригада.
Возилата, вели тој, се изгорени главно во делот на моторот и нема предизвикано штета на околните објекти.
Од фотографиите што „360 степени“ ги направи на терен може да се види дека станува збор за возила од марките „киа“ и „сузуки“ со дипломатски регистарски таблички.
На коловозот има траги од гаснењето на пожарот, а минувачи заинтересирано прашуваат што се случило и прават фотографии.
Екипи на Министерството за внатрешни работи (МВР) се на терен, а вешти лица ги испитуваат причините за пожарот.
Неколкумина вработени од Амбасадата се излезени на тротоарот пред зградата и разговараат со полицијата.
На прашање од „360 степени“ за тоа што се случило нè упатија за сите информации да се обратиме до Министерството за надворешни работи на Бугарија.
Од МВР засега нема официјална информација за причините за пожарот. Неофицијално, возилата се намерно запалени, а полицијата трага по сторителот.
„Некој ги запалил колите пред околу еден час. Не се слушна ништо, ама видовме дека малку гореше и веднаш го изгаснаа огнот“,
вели вработен во компанија близу амбасадата, кој во моментот бил на смена на своето работно место.
