По судирот со катамаранот, едрилицата потонала на длабочина поголема од 50 метри, поради што операцијата за нејзино извлекување е исклучително сложена
На неа имало осум лица, сите чешки државјани. Тројца од нив загинале, едно лице се води како исчезнато, а четворица се спасени
Во моментот на несреќата, на катамаранот имало 118 патници и седум членови на екипажот
Три лица загинаа, а едно сè уште се води како исчезнато по несреќата во која се судрија катамаран и едрилица во близина на преминот Сплитски врати меѓу островите Брач и Шолта на Јадранското Море, соопшти хрватското Министерство за море, транспорт и инфраструктура, а пренесуваат тамошните медиуми.

По судирот со катамаранот, едрилицата потонала. На неа имало осум лица, сите чешки државјани. Тројца од нив загинале, едно лице се води како исчезнато, а четворица се спасени.
Полицијата соопшти дека на спасените патници им била укажана медицинска помош, но не било потребно нивно болничко згрижување.
Во моментот на несреќата, на катамаранот имало 118 патници и седум членови на екипажот.
Инцидентот се случи кратко пред пладне во морскиот простор меѓу островите Шолта и Брач.
Надлежните служби најавија дека причините за несреќата ќе бидат утврдени по спроведувањето на истрага.
Капетанот на Лучката капетанија во Сплит, Жељко Куштера, за Дневникот на ХРТ откри детали од истрагата и потрагата по исчезнатото лице по поморската несреќа кај Сплитски врати.
Според него, подводен дрон на Хрватската воена морнарица ја лоцирал позицијата на потонатата едрилица.
„Денеска со помош на дрон на Хрватската воена морнарица утврдивме каде точно потонала едрилицата. Според изјавата на еден од патниците што биле на пловилото, едно лице останало внатре, па претпоставуваме дека потонало заедно со неа“,
рече тој.
Сепак, додаде дека тоа останува претпоставка, посочувајќи дека повеќе информации ќе бидат познати по извлекувањето на пловилото.
Едрилицата се наоѓа на длабочина поголема од 50 метри, поради што операцијата за нејзино извлекување е исклучително сложена.
„Денеска нема да се извлекува едрилицата бидејќи се приближува ноќта. Активностите се прекинуваат и ќе продолжат утре наутро“,
кажа капетанот.
Povodom teške pomorske nesreće uslijed sudara jedrilice i katamarana kod Splitskih vrata, u kojoj je smrtno stradalo troje čeških državljana, izražavam iskrenu sućut njihovim obiteljima i predsjedniku Vlade @AndrejBabis.
— Andrej Plenković (@AndrejPlenkovic) June 14, 2026
Sve nadležne službe su reagirale žurno i provele akciju…
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ изрази сочувство до семејствата на тројцата чешки државјани, како и до премиерот на Чешка, Андреј Бабиш.
Во објава на социјалната мрежа Икс, Пленковиќ наведе дека станува збор за тешка поморска несреќа и дека сите надлежни служби реагирале навремено, спроведувајќи акција за спасување на патниците од едрилицата.
