Вообичаена работа е, особено во младите демократии како македонската, Собранието годишно да менува или носи стотици закони. Ако на тоа се додадат и другите одлуки, станува збор за илјадници избори, именувања, измени, дополнувања… Во таква динамична атмосфера многу нешта минуваат под радарот на јавноста, освен ако опозицијата не крене глас за некое прашање. Повремено, има и теми за кои власта најавила дека каде и да е ќе поминат, но тие заглавуваат. За секој застој има причина, а трагавме по одговорите за три крупни одлуки кои иако требаше, сè уште не се донесени
Тоа се изборот на Мери Дика за уставна судијка, како и законите за јавно обвинителство и за високо образование
Како „на лента“. Пратениците во само еден ден гласаа за утврдување на потребата по скратена постапка да се носат повеќе законски измени и дополнувања, на седницата број 104, на чиј дневен ред имаше четириесетина точки.
Денот кој за учениците донесе распуст, за избраниците во Собрание беше работа под полна пареа. Токму таквиот начин на работа ни беше аргумент плус за да прашаме – зошто во исто време некои одлуки поминуваат на брза лента, а некои одамна најавени или ставени на дневен ред сè уште не се носат?
Една од тие одлуки е Законот за јавно обвинителство, инаку дел од Реформската агенда. Ако се донесе во пакет со Законот за Советот на јавни обвинители, согласно правото на ЕУ и препораките на Венецијанската комисија, носи награда од 6,4 милиони евра.
Министерството за правда во февруари годинава испрати верзија на законот на усвојување во Собранието. Сега, од ресорот што го води Игор Филков, за „360 степени“ потврдија дека го повлекле, иако помина дел од собраниските филтри. Причина за повлекување, велат од Правда, е доработка на решение кое не би паднало на „тестот“ – двотретинско мнозинство во парламентот.
„Предлог-законот за јавното обвинителство е повлечен од собраниска процедура со цел да се почека мислењето на Европската комисија, како и да се овозможи вградување на евентуалните амандмани предложени од пратениците кои би можеле да влијаат врз текстот на законот. По добивањето на мислењето од Европската комисија и финализирањето на сите предложени измени, законот повторно ќе биде доставен во собраниска процедура. Целта на овој пристап е да се обезбеди поширок консензус околу законското решение и да се избегнат можни процедурални блокади во Собранието, кои беа најавени од страна на опозицијата“,
велат од Министерството за правда.

Оттаму, сепак, , во одговорот не се осврнаа на друга важна околност во врска со повлечениот закон. За него, како што е предвидено во Реформската агенда, се бараше и стигна оценка од Венецијанска комисија, но, текстот што доби зелено светло од Венецијанската комисија, како што предвидува Реформската агенда, не беше истиот што се најде и пред пратениците.
Клучно, во предлог-законот за јавно обвинителство што Владата го прати на мислење во Венецијанската комисија во август 2025, се предвидуваше дека за јавното обвинителство ќе се издвојува 0,5% од буџетот на државата за тековната година.

Венецијанската комисија усвои мислење со кое го поздрави предложениот фиксен минимум. Но, во верзијата што во февруари годинава стигна во Собранието, пишуваше дека за јавното обвинителство се предвидуваат најмалку 0,4%, но од даночните приходи во тековната година.

Во пари, тоа значи дека во предлог-законот што го оценуваше Венецијанска се проектираа околу 33,7 милиони евра за обвинителството според висината на државниот буџет за 2026 година. Според изменетата одредба што влезе во собраниска процедура, проекцијата е 13,9 милиони евра годишен буџет. Тоа е околу 60% помалку од оригиналниот предлог.
„Освен што имаме изгубено време, наместо да се покажат резултати и власта да покаже дека навистина е заинтересирана за имплементацијата на реформската агенда, во суштина со овој пристап ние добиваме еден поинаков показател, а тоа е дека многу несериозно се пристапува кон суштинските реформи во државата‘,
рече во изјава за „360 степени“, пратеничката Славјанка Петровска од СДСМ.

Таа додава дека ниту добила образложение зошто законот е повлечен, ниту пак знае во каква верзија ќе биде вратен. Вели – предупредивме дека верзијата пратена до Венецијанска се разликува од онаа што стигна во парламентот.
360֯: Можно ли е токму тоа да е причината за повлекување на законот?
Петровска: Моја претпоставка е дека да, дека е голема веројатноста заради тоа што знаете како, кога се обврзувате во организациите каде сакате да пристапите и кога со било која организација имате партнерски однос, тогаш очекувате од другата страна да имате барем искрен однос за да може да имате партнерски однос и за да можат и тие да ви помогнат во одредени ситуации. Ова е голем минус. Враќањето на законот од фаза до пред гласање не може да се оправда со политички добра волја. Тоа е сериозен минус и по мене е сериозна критика за актуелната власт дека со реформска агенда и генерално со законите кои стигнуваат во Собранието не може да се игра.
Дали на крај ќе го поддржат Законот за јавно обвинителство за кој е потребно двотрениско мнозинство, Петровска вели ќе зависи од предлог-текстот.
„Треба да се следат препораките на Венецијанската комисија затоа што, да не заборавиме, тие препораки се дадени од група на експерти кои ги анализирале и состојбите во државата, состојбите во Јавното обвинителство, текстот на предлог на законот и најмногу од сè посакувам предлогот кој е даден на мислење да соодветствува со предлогот кој ќе биде даден овдека во Собранието. И особено, се разбира, заради континуитет е важно и мислењето на Јавниот обвинител“,
вели Петровска.
Пратеникот Љупчо Пренџов од владејачката ВМРО-ДПМНЕ е задоволен што за овој закон се отворила дебата. Тој вели дека прифатиле амандмани, слушнале експертски ставови. Токму тоа вели дека е причината што сега е време за доработка на законот.
„Јас видов дека законот е повлечен од страна на министерството и разговарав со министерството за правда во поглед на повлекувањето на ова законско решение. Тие рекоа дека по консултации со Европската комисија, Европската комисија бара да им се прати уште еднаш пречистен текст на законот. Зошто? Затоа што во рамки на Собранието, како што веќе ви кажав и претходно, има прифатено 14 амандмани и Брисел сака да види уште еднаш законското решение дали е согласно стандардите и препораките на Европската унија. Тоа е она кое што се случува во моментот, затоа законското решение е повлечено. Кога Брисел ќе ги даде забелешките, ако ги има или ги нема, ќе видиме, веднаш истото ќе биде вратено во Собранието“,
вели тој.

Иако Венецијанската комисија даде позитивно мислење на текст со одредба која предвидува 0,5% од државниот буџет, Пренџов вели дека не може да предвиди колку пари ќе се издвојуваат според новото решение. Ако текстот воопшто претрпи измени во тој дел.
Пренџов: Кога ќе дојде законското решение повторно во Собранието ќе видиме дали ќе има промени во овој дел којшто вие го потенцирате. Доколку има промени во дел којшто вие го потенцирате, ќе разговараме, ќе ги видиме аргументите и тогаш ќе се произнесеме. Тоа ќе биде сè повторно во една јавна и транспарентна постапка.
360֯: Кога очекувате?
Пренџов: Тоа не зависи од Собранието. Ние како Комисија сме спремни штом дојде мислењето од страна на Брисел и се разбира законот од Правда како министерство, веднаш да постапиме кон негово отворање, известување на јавноста и разговарање во поглед на тоа законско решение. Нема дилема.
Во поглед на критиките за начинот на кој се направи обид да се донесе законот, тој потсетува дека претходните промени во време на техничката влада во 2020 биле усвоени за помалку од 24 часа. Затоа, вели тој, нема споредба со носење на законот сега.
Пренџов: Опозицијата има право на свое мислење, но оној којшто нас нè оценува и кажува дали сме реформатори, дали носиме законски решенија во интерес на државата и во интерес на европската перспектива — тоа е Брисел… Јас очекувам до 30 јуни сите реформи да завршат и третпат по ред да бидеме држава со највеќе направени реформи којашто добива највеќе средства од страна на Брисел.
360֯: Вклучително и овој закон?
Пренџов: Да.

Изборот на Мери Дика за уставна судијка
Друга важна точка што е пред Собранието, но засега останува заглавена, е изборот на уставен судија по предлог на Судски совет. Станува збор за Мери Дика Георгиевска, актуелна претседателка на Апелациониот суд Скопје, која од 25 март е утврдена како кандидат на Судскиот совет.
Според парламентарниот календар, објавен на веб-страницата на Собранието, точката во склоп на 97. седница, двапати се нашла на дневен ред – на 8 април и 19 мај, но се уште не е разгледана. Зошто – прашавме во Собранието.
„Предлогот за избор на уставен судија е ставен на 97 седница на Собранието на РСМ и точката сè уште не е разгледана поради отсуство на предлагач на предлогот од Судскиот совет“,
ни одговорија оттаму.

Пракса е Судски совет да го образложи предлогот пред Собранието, но претседателот на Судскиот Совет, Александар Камбовски, вели дека само еднаш добиле известување за седница. Тогаш бил службено отсутен, па не можел да присуствува. Кога повторно би биле поканети, односно информирани дека седницата ќе се одржи, би присуствувал или би испратил претставник, ни кажа претседателот на Судскиот совет.
Но, од Собранието не добивме повратен одговор кога 97. седница и изборот на Мери Дика за уставна судијка би се вратиле на календарот на активности. До тогаш, таа останува да си ја врши работата во скопска Апелација.
А, поради застојот, Уставниот суд, наместо со 9, работи со 8 судии.
Законот за високо образование

Нема абер и за Законот за високо образование. Уште на 16 април, на координативна средба во Влада беше посочено дека законското решение е во завршна фаза. На 21 април стигна уште една потврда од ресорната министерка дека работата е завршена.
„Денес ја имавме последната средба со нашиот коалиционен партнер Влен. Имавме 6 точки кои ги дискутиравме. Со сите 6 точки се усогласивме и утре Законот оди во владина процедура“,
изјави Јаневска на 21 април годинава.
Помина месец и половина од оваа изјава на Јаневска. Па, прашавме во Владата – до каде е Законот и зошто не се пушта во собраниска процедура. Еве го одговорот оттаму.
Законот го усогласуваме со Секретаријатот за законодавство. На 16 јуни, следна недела, ќе биде на дневен ред на владина седница и по негово усвојување во рамки на владини процедури истиот ќе го испратиме во Собрание.
Веќе е извесно дека барем една пратеничка група, онаа на ДУИ, ќе се изјасни против.Тие се загрижени дека со предложените решенија може да се намали степенот на автономија на универзитетите и да се зголеми влијанието на централната власт врз нивното функционирање.
„Затоа сметаме дека сите забелешки и аргументи кои произлегуваат од јавната дебата мора внимателно да се разгледаат пред законот да биде доставен во Собранието. Станува збор за системски закон кој ќе има долгорочни последици врз развојот на високото образование и неговото функционирање во иднина“,
велат од ДУИ.

Пратениците на Влен, пак, стојат зад решението кое ќе го испрати Владата. Но, кога овој закон ќе се гласа, засега нема прецизен одговор. Она што е сигурно е дека кога и да дојде, власта има комодитет – парламентарно мнозинство, кое може да го изгласа, како што знаат кога сакаат.

