Американскиот претседател Доналд Трамп ја избриша од Твитер вчерашната видеоснимка од Флорида на која негови приврзаници извикуваат расистички слоган.
Трамп на својот профил сподели видео на кое се гледа како негови приврзаници извикуваат „Бела надмоќ“, слоган кој го користат екстремнодесничарските бели расисти. Снимката е направена во пензионерска заедница во Вилиџис, на Флорида, и на неа е прикажана колона на повозрасни Американци во колички за голф, украсени со американски знамиња и пароли за поддршка на Трамп, додека околу нив се собрани противниците на републиканскиот претседател.
Портпаролот на Белата куќа, Џуд Дир, изјави дека Трамп го споделил видеото бидејќи е „голем обожавател на Вилиџис“ и дека не слушал дека се извикуваат вакви слогани.
„Тој не го слушна слоганот на видеото. Тој слушна само голема поддршка од голем број негови поддржувачи“,
рече Дир.
Видеото со кавгата меѓу двете страни е во траење од две минути, а извикувањето на слоганот „Бела надмоќ“ може да се слушне уште на самиот почеток.

„Благодарност до луѓето во заедницата Вилиџис. Радикалните левичарски демократи кои не прават ништо, ќе загубат наесен. Корумпираниот Џо ќе заврши. Се гледаме наскоро“,
напиша Трамп покрај снимката, која подоцна беше избришана.
Неговата објава доаѓа во време на тензии, дебата за системска дискриминација и распространети антирасистички протести низ САД, по смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд како резултат на полициска бруталност.
Сенаторот Тим Скот, единствениот републиканец Афроамериканец во Сенатот, упати критики на сметка на Трамп.
„Тој не требаше да го сподели тој пост и требаше да го отстрани. Сето ова е навредливо“,
рече Скот за Си-ен-ен.
Твитер во повеќе наврати или избриша или стави предупредување на објави на американскиот претседател на оваа социјална мрежа со образложение дека содржат говор на омраза или повик за насилство.