Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова одговара на прашања на оваа тема во емисијата „360 степени“ на МРТ 1

360°: За гаранциите од ЕУ, деновиве го слушав вашиот надворешен соработник Драган Тилев како зборува за тоа дека Советот на ЕУ може да донесе т.н. интерпретативни или објаснувачки заклучоци поврзани со одредбите од Договорот за основање на Европската Унија, кои се однесуваат на заштита на идентитетот и уставниот суверенитет на земјите членки на ЕУ. Притоа тој вели – не мислам на заклучоци Македонија–Бугарија, туку на општи, начелни заклучоци за тие да може да бидат поддржани од сите земји членки. Моето прашање е – како такви заклучоци, ако тоа е една од варијантите што се разгледуваат, може да бидат гаранција дека нема да има нови вета за билатерални прашања?
Сиљановска-Давкова: Може, може. Тие нема да се однесуваат само на… нема да бидат врзани за една студија на случај, на македонскиот случај, туку ќе имаат општ карактер.
360°: Вие сте запознаени со таа варијанта?
Сиљановска-Давкова: Се разбира. Па и самата сум упатувала на такви можни решенија. Зошто? Особено инспирирана од многупати повторениот став на претседателот на Франција дека ЕУ не е машинерија – политичка или бирократска, туку е филозофија. Филозофијата на ЕУ е запишана во конститутивните акти. Тоа што важи за членките на ЕУ, се разбира, како право важи за сите држави и нации. Само што ние не можеме заради кршење на принципите и вредностите да покренеме постапка пред Судот на правдата во Луксембург, туку тоа можат една третина од членките, една третина од пратениците, Комисијата исто така може, може кој било во ЕУ. Ама зборувам, кога ги бројам овие, тие можат да покренат постапка пред Европскиот совет со кој претседава господинот Кошта. И тоа е Членот 7 од Договорот за ЕУ – ако се утврди повреда на принципите и вредностите, тогаш може да се лимитираат или да се суспендираат одлучувачките права на државите.
360°: Но, тоа е далеку. Претпоставувам ние не досегаме дотаму.
Сиљановска-Давкова: Тоа го направија во однос на Унгарија и во однос на Полска. А околу интерпретацијата, можни се различни интерпретации. На пример, можно е интерпретативно мислење дека идентитетските права и прашања не можат да бидат услов за влегување или за почеток на преговори во ЕУ. Не велам дека кон нас ќе се примени директно, зборувам како може да се биде креативен. Може интерпретативно правно мислење да се даде.
360°: Како тие заклучоци ѝ го одземаат правото на вето на Бугарија за билатерални прашања во текот на пристапните преговори на Македонија?
Сиљановска-Давкова: Не го одземаат правото на вето на Бугарија, ни на членките на ЕУ, бидејќи тоа си останува до крајот на преговорите. Идејата е, за да нè приближат до себе, да не може да се употребува ветото за кластерите, за поглавјата, бидејќи на крајот за полно членство ќе можат да го… Значи да се врзе ветото само за членството или ако сакате за пред пристапувањето, пред она пред што набрзо ќе се најде Црна Гора.

360°: Дали ме разбирате што ве прашувам – можно ли е со заклучоци на Советот на ЕУ, независно какви, еве нека бидат интерпретативни, нека бидат други, било какви заклучоци – со кои на некоја земја членка ќе ѝ биде одземено правото на вето во текот на пристапни преговори на која било земја кандидат?
Сиљановска-Давкова: Да, ама забележувате дека ќе почне веројатно не само ова вие што го покренувате… Јас и за многу други прашања што се гарантирани овде, не гледам јасна правна рамка, прецизност. Не гледам, но затоа велам…
360°: Да, дали е сè оставено на волјата на главните градови, на владите во овој процес?
Сиљановска-Давкова: Не само на главните градови. Имам впечаток дека не случајно само господинот Мерц и господинот Макрон застанаа зад ова и го презентираа тоа. Не е само нешто што сами го креирале. Мислам дека тоа е сепак договарано низ цела ЕУ.
360°: Претседателке, ако нема заклучоци со кои може да се одземе правото на вето на некоја земја членка…
Сиљановска-Давкова: Инаку ЕУ-рамката е утврдена, ама не мислам дека заклучоците се во камен запишани и дека не може… Само да потсетам, веќе сменија заклучоци во поглед на Поглавјето 35 во поглед на Србија и Косово. Ги сменија во текот на преговорите.
360°: Друго ми е прашањето – дали вие како власт барате практично нешто што на англиски се вика „фејс сејвинг“, нешто со што ќе го зачувате образот, имајќи предвид дека правни гаранции веројатно не можат да се добијат?
Сиљановска-Давкова: Правно мислење може. Не, не, образот знаете како се чува? Образот се чува ако сте доследни на она што сте го кажале. Јас, и кога на дневен ред на Уставната комисија се најдоа амандманите – тоа беше реалност 2023, 2024 година – дискутирав и гласав против. Не можам јас во договор со наши пријатели амбасадори или некои други во просториите на кабинетот да договарам уставни измени. Не. Многупати сум рекла, јас не можам ни да гарантирам дека и да има предлог кога ќе дојде од Владата или од пратеници, тоа ќе се реализира. Знаете што значи да побарате од некоја држава да ви гарантира дека ќе го просмени Уставот? Значи да ја суспендирате парламентарната демократија. Па никој не знае каков исход може да има. Пратениците не ме претставуваат мене, ниту ЕУ ги претставува. Ги претставуваат граѓаните и гласаат по свое уверување. Ама на нашиот пример ЕУ и светот научија дека и тоа не мора да важи, туку може надвор да договорите уставни измени, а потоа да го инструментализирате парламентот. Јас тоа ни мртва нема да го направам, морам да ви кажам.
360°: Но, еве сега со францускиот предлог, така да го викаме, или со Преговарачката рамка, се покажува дека да – може некој да смета дека треба да се смени Уставот, ама пак е на волјата на пратениците во Собранието. Нема две третини, нема уставни измени.
Сиљановска-Давкова: Видете, Преговарачка рамка е рамка, документ кој нема тежина на устав. Тежина на устав, и тоа некодифициран, имаат најважните членови од Договорот за ЕУ. Тој дека ЕУ ќе го почитува националниот и културниот идентитет, дигнитет и интегритет. Дури има член – уставните и политичките структури дека ќе ги почитува. Дури има член кој вели дека ќе ги поттикнува соседите, членките на ЕУ да склучуваат договори со соседите врз реципрочна основа. Тоа е филозофијата на ЕУ. Тоа ја прави ЕУ поинаква од разноразни други меѓународни организации. Значи, јас на тоа инсистирам и ве убедувам дека да – луѓето кои се свесни за ова дека европските принципи и уставни вредности се многу важни, ќе ви кажат дека да, како правник размислувам слично како вас. Значи, не верувам дека не може да се најде решение со добра волја.
360°: Еве да претпоставиме дека во Преговарачката рамка не се спомнува ни Акциски план за малцинства и етнички заедници, ниту Договорот за добрососедство и протоколите, нема ништо од тоа. Билатералното прашање е оставено надвор. Дали тоа значи дека тоа ќе исчезне, дека проблемот ќе го снема и дека Бугарија нема да може да го употребува, односно злоупотребува кога ќе смета дека треба да го прави тоа?
Сиљановска-Давкова: Не, не можам тоа да го кажам, но верувам дека преку мерки за градење доверба со Бугарија, па дури и во рамките на историската комисија – иако знам дека е тешко да останете историчар научник под капата на политиката, а политичарите се ужасни историчари, па и обратно изгледа има проблем – ама верувам дека ние со мерки на доверба меѓу граѓаните, со инфраструктурни објекти, со други проекти, со универзитетски размени, поинаку ќе гледаме едни на други. Вината е на обете страни. Јас честопати во средбите со моите колеги кажувам – ама чекајте, рецензент на мојот и на професорот Шкариќ учебник по Уставно право е бугарски професор. Вториот е словенечки, третиот е француски. Ајде така да размислуваме едни за други.
