Состанокот ќе се случи на маргините на самитот од Процесот за соработка во Југоисточна Европа

Претседателката Гордана Силљановска-Давкова ќе се сретне со бугарската колешка Илијана Јотова во рамките на самитот од Процесот за соработка на Југоисточна Европа в среда во Софија, потврди таа во интервју за „360 степени“ на МРТ 1. Во рамките на средбата, како што рече таа, очекува да се отворат и суштински прашања, бидејќи според неа нема нерешлив проблем.
Сиљановска-Давкова: Тоа е природно продолжение на нашата средба во Ереван – едно пријатно женско говорење. Мислам дека треба да го продолжиме тоа и затоа во текот на разговорот со вас ја споменав неопходноста од мерки за градење доверба. Ако граѓаните не контактираат, ако во проекти заеднички не учествуваме… морам да кажам, кога првпат го сретнав господинот Радев во Софија и се случи оној инцидент со знамињата, се заборави, но сите кои бевме присутни на работниот ручек каде што тој говореше за потребата од соработка во многу области во кои заедно би постигнале подобро, полесно, многу многу успеси. И јас мислам дека тоа е единствениот начин за да можеме ние bona fide да се однесуваме. Да не се навредуваме, да не се повредуваме, да се обидеме да ги мериме зборовите.
360°: И притоа претпоставувам мислите на двете страни?
Сиљановска-Давкова: На двете страни.
360°: Оти искри, стрели доаѓаат од двете страни.
Сиљановска-Давкова: Целосно сте во право. Од двете страни. И еве сега од двете страни има желба да се видиме.
На прашање за тоа дали е информирана за содржината на средбите на премиерот Христијан Мицкоски со германскиот канцелар Мерц и со францускиот претседател Макрон во Тиват, по кои тој рече дека е задоволен, но истовремено го повтори ставот дека нема намера ни милиметар да се помести од позицијата дека нема уставни измени без гаранција дека во текот на пристапните преговори нема да бидеме блокирани за нови идентитетско-историски прашања, и Бугарија ќе ги спроведе пресудите од Стразбур коишто се однесуваат на правото на здружување на Македонците таму, Сиљановска-Давкова вели – мора да се смени односот на државите кон пресудите на Судот во Стразбур.
360°: Но, што ми е поентата? Значи, од една страна задоволство, од друга страна во истата изјава премиерот вели – без гаранции, без спроведување пресуди од Стразбур, не мрдам ни милиметар. Е сега, дали ако ја следиме логиката на таа изјава, значи дека од Макрон и од Мерц добил сигнали во насока на прифаќање на дел од овие македонски барања?
Сиљановска-Давкова: Не можам јас, вие новинарите сте далекувиди и интерпретативно ги објаснувате работите, меѓутоа јас не можам да заклучам зошто е. Само знам и мене ми рече дека е многу задоволен, дека е поттикнувачки односот и на Франција и на Германија и дека се чини дека има излез за Западниот Балкан, вклучувајќи нè и нас.
За овие средби претседателката очекува повеќе информации од утрешната средба со премиерот.
