Како што информираат денеска од Кривичен, по внимателна анализа на обвинението, доказите и законските одредби, судијката Снежана Марковска оценила дека дејствијата што му се ставаат на товар на Зоран Јованов не ги содржат законските обележја на крвичното дело за кое се гони
Според образложението на пресудата, судот оценил дека кривичната одговорност во конкретниот случај не може да се заснова врз околноста што обвинетиот Јованов е сопственик на возилото и што неговиот полнолетен син управувал со тоа возило без возачка дозвола
Ослободителна пресуда му изрече Основниот кривичен суд Скопје на Зоран Јованов, татко на младиот Васил Јованов кој на крајот на јануари лани, возејќи под дејство на алкохол и со брзина поголема од дозволената, на пешачки премин на булеварот „Партизански одреди“ ја прегази 22-годишната Фросина Кулакова.

На таткото Јованов му се судеше бидејќи, според Обвинителството, му дозволил на својот син Васил без возачка дозвола да го управува неговиот автомобил. Тој се товареше за кривичното дело загрозување на безбедноста во сообраќајот.
Но, како што информираат денеска од Кривичен, по внимателна анализа на обвинението, доказите и законските одредби, судијката Снежана Марковска оценила дека дејствијата што му се ставаат на товар на Зоран Јованов не ги содржат законските обележја на крвичното дело за кое се гони.
Поради тоа, Марковска донела ослободителна пресуда.
„Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предметот со К. бр. 655/25 против З. Ј. за кривичното дело загрозување на безбедноста на сообраќајот по член 298 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик (КЗ), по внимателна анализа на обвинението, изведените докази и релевантните законски одредби, оцени дека дејствијата кои му се ставаат на товар на обвинетиот не ги содржат законските обележја на кривичното дело, па заради тоа донесе ослободителна пресуда“,
се вели во соопштението од Основниот кривичен суд Скопје.
Според образложението на пресудата, судот оценил дека кривичната одговорност во конкретниот случај не може да се заснова врз околноста што обвинетиот Јованов е сопственик на возилото и што неговиот полнолетен син управувал со тоа возило без возачка дозвола.
Како што наведуваат од Кривичен, законодавецот ваквото однесување изречно го регулирал и санкционирал како прекршок во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, поради што судот не може преку проширено толкување на кривичниот закон да создава нови облици на кривична одговорност кои законодавецот не ги предвидел.
„Повторувањето на едно прекршочно однесување, само по себе, не го претвора во кривично дело. Бројот на прекршоците не може да создаде нов правен квалитет на дејствие доколку не се исполнети законските обележја на конкретното кривично дело“,
велат од Судот.
Во конкретниот случај, според образложението на судот, непосреден извор на опасност и непосреден причинител на сообраќајката со настанатата последица е полнолетниот возач како самостоен учесник во сообраќајот.
Кривичното право, посочуваат од Судот, почива врз начелото на лична и индивидуална одговорност, поради што последиците од самостојното постапување на едно полнолетно лице не можат автоматски да му се припишат на друго лице само поради роднинска врска или поради сопственост на возилото.
Против оваа пресуда странките имаат право на жалба пред второстепениот, односно Апелацискиот суд Скопје.
Зоран Јованов на рочиштето на 3 септември лани изјави дека не се чувствува виновен и оти не разбира што точно му се става на товар.
Обвинителот на Основното јавно обвинителство Скопје, Александар Марковски, пак, ја бранеше тезата на обвинителниот предлог дека обвинетиот Јованов преку родителска попустливост придонел да дојде до опасната ситуација.
„Во случајот станува збор за еден ноторен факт – татковата љубов спрема синот единец била голема, но резултирала со несреќна попустливост на родителот кон синот којшто се оддал и на пороци“,
рече тогаш обвинителот.
Тој рече дека ќе докаже оти таткото бил тој што придонел да се генерира опасната состојба од страна на неговиот син Васил Јованов, додека, пак од одбраната, ги отфрлија ваквите наводи, оценувајќи го обвинението како правно неосновано и најавија дека тоа ќе го докажат во текот на постапката.
Инаку, за сообраќајката во која на 29 јануари 2025 г. на булеварот „Партизански одреди“ на пешачки премин беше прегазена 22-годишната Фросина Кулакова, обвинетиот Васил Јованов беше осуден на 13 години затворска казна, што е највисока изречена санкција за ваков вид кривично дело. Казната е правосилна и потврдена од сите судски инстанци во државата.

Васил Јованов првостепено беше осуден во мај минатата година кога Основниот кривичен суд Скопје му одреди казна затвор од 12 години, а покрај затворската казна му изрече и забрана за управување возило до пет години и парична казна.
Пет месеци подоцна, во октомври лани, Апелацискиот суд ја зголеми казната за Јованов на 13 години затвор.
На 18 март оваа година, Врховниот суд соопшти дека го одбил како неосновано барањето на Јованов за вонредно преиспитување на правосилната пресуда со која е огласен за виновен за кривично дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот и осуден на казна затвор во траење од 13 години.
