Покрај поранешниот директор на Царинската управа и ексградоначалник на Карпош, како што рече премиерот, во акцијата се опфатени и неколкумина вработени во Царината и еден посредник, односно лице кое било многу блиско до претходната власт и кое, според Мицкоски, често олеснувало незаконити дејствија
Премиерот Христијан Мицкоски потврди дека се води истрага во која е опфатен и поранешниот директор на Царинската управа и ексградоначалник на Карпош од СДСМ, Стефан Богоев. Покрај него, како што рече Мицкоски, во акцијата се опфатени и неколкумина вработени во Царинската управа и еден посредник, односно лице кое било многу блиско до претходната власт и кое, според премиерот, често олеснувало незаконити дејствија.

Повикувајќи се на информациите што ги поседува, Мицкоски рече дека акцијата ќе се проширува.
„Дополнително, неколку институции во периодот што следи ќе имаат слични акции за недоследности од минатото кои се содржани во ревизорски извештаи и претставуваат индиции за злоупотреба на службената положба“,
рече тој одговарајќи на новинарски прашања по денешната прес-конференција.
Мицкоски рече дека нема да навлегува во детали и дополнително да го коментира случајот за да не се компромитира евентуалниот процес бидејќи предметот е во рамки на истрага.
„Сè ова е на ниво на истрага. Јас верувам во презумција на невиност. Секој има можност и право да ја докаже својата невиност, така што јас не би коментирал понатаму за материјално да не го нарушам процесот“,
додаде премиерот.
Вчера беше објавено дека во акција на Управата за финансиска полиција и Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) се приведени повеќе лица под сомнение за корупција. Дел од медиумите неофицијално објавија дека меѓу приведените е поранешниот директор на Царинската управа и ексградоначалник на Карпош од СДСМ поради сомнежи за злоупотреби во постапки за јавни набавки.
