Во фокусот на разговорите со лидерите од регионот се можностите и предизвиците поврзани со процесот на проширување на Европската Унија, постепената интеграција, регионалната соработка, како и прашањата за безбедноста и стабилноста
Мицкоски денеска на прашање за очекувањата од денешната посета на претседателот на Европскиот совет на земјава рече дека е несериозно да се очекува дека Македонија ќе ја промени својата позиција во однос на евроинтегративниот процес само поради посетата на висок европски претставник
Премиерот Христијан Мицкоски попладнево во Владата го пречека претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, кој денеска престигна во Скопје во рамки на неговата регионална турнеја низ земјите од Западен Балкан.

Кошта во земјава пристигна од Тирана, а на Меѓународниот аеродром „Скопје“ беше пречекан од министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.

Според агендата, Мицкоски и Кошта ќе одржат тет-а-тет средба, по што ќе следува состанок меѓу владината делегација и делегацијата предводена од претседателот на Европскиот совет.
По завршувањето на разговорите, предвидена е заедничка прес-конференција.

Посетата на Кошта е дел од неговата турнеја низ Западен Балкан, која ја започна вчера во Сараево. Целта на посетите е остварување средби со лидерите од регионот во пресрет на Самитот ЕУ – Западен Балкан, кој ќе се одржи на 5 јуни во Тиват, Црна Гора, каде што Кошта ќе биде копретседавач.
Во фокусот на разговорите со лидерите од регионот се можностите и предизвиците поврзани со процесот на проширување на Европската Унија, постепената интеграција, регионалната соработка, како и прашањата за безбедноста и стабилноста.
Во пресрет на посетата, Кошта порача дека неговата втора турнеја низ Западен Балкан испраќа јасен сигнал за посветеноста на Европската Унија кон регионот и перспективата за проширување.
„Импулсот е тука. Сега е време да се испорачуваат резултати“,
рече Кошта.
По Скопје, Коште утре ќе ја посети Приштина, а задутре Белград. Турнејата ќе ја заврши во Црна Гора, каде што на 5 јуни ќе биде копретседавач на Самитот ЕУ – Западен Балкан, чија главна тема е „Заедничкиот просперитет и стабилност на ЕУ и Западен Балкан“.
Мицкоски денеска на прашање за очекувањата од денешната посета на претседателот на Европскиот совет на земјава рече дека е несериозно да се очекува дека Македонија ќе ја промени својата позиција во однос на евроинтегративниот процес само поради посетата на висок европски претставник,
Во таа насока, тој ги повтори позициите на Владата дека се потребни гаранции од ЕУ оти веќе нема да има условувања за земјава на нејзиниот пат кон Европската Унија и дека, покрај уставните измени што се бараат, треба да се види, како што рече, испорака од Бугарија, во смисла на спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права.
„Доколку ние навистина треба со Европската Унија да разговараме ние сме подготвиме да разговараме, да почнеме да разговараме. Еве, јас од тука би почнал, тоа што можеме веднаш да го направиме, тоа, како да кажам, тоа што нè обединува, а не тоа што нè разединува. А, тоа е разговорот. Ценам дека во едно демократско општество треба да се разговара. Потоа ценам дека треба да се посветиме на испораката во делот на Реформската агенда, каде што вистинските фронтранери, а не другите земји од Западен Балкан. Така што јас би зборувал за овие теми, нешто што може да биде како брза испорака, па дури потоа да видиме доколку постои простор да се изгради таа доверба, да влеземе во една следна фаза“,
рече премиерот.
На прашањето како може да се организира трилатерална средба меѓу претставници на Македонија, Бугарија и Европската Унија и кој би можел да ја организира, премиерот рече дека ако ѝ се даде на Владата еден ден и информации со кого и каде треба да разговараат, тие се подготвени веднаш да го направат тоа.
