По тет-а-тет средбата на Сиљановска-Давкова со словачкиот претседател Петер Пелегрини, македонската и словачката делегација одржале пленарен состанок во чиј фокус биле разговорите за унапредувањето на билатералните односи, со акцент на политичката соработка, евроинтегративниот процес на земјава и словачката поддршка во процесот
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова претпладнево со највисоки државни и воени почести беше пречекана во Братислава, во рамките на својата официјална посета на Словачка. Ја пречека словачкиот претседател Петер Пелегрини, со кого претседателката одржа тет-а-тет средба.

„Благодарам за топлиот и пријателски пречек од страна на претседателот на Република Словачка, Петер Пелегрини. Мојата прва официјална посета на Словачка е уште една потврда на одличните и пријателски односи што ги негуваат двете држави. Особено е важна словачката поддршката на нашата европска интеграција, но и економската соработка, трговската размена и инвестициите, покрај традиционално добрите односи во образованието и културата, како и развојот на македонската демократија со словачка подршка“,
напиша Сиљановска-Давкова во објава на Фејсбук.
По претседателската средба, македонската и словачката делегација одржале пленарен состанок во чиј фокус биле разговорите за унапредувањето на билатералните односи, со акцент на политичката соработка, евроинтегративниот процес на земјава и словачката поддршка во процесот. Соговорниците разговарале и за економската соработка, трговската размена и инвестициите, како и за можностите за засилено партнерство во енергетиката, инфраструктурата, туризмот и иновациите.
Во рамките на посетата, претседателката ќе се сретне и со претседателот на Националниот совет на Словачка, Рихард Раши, како и со потпретседателот на словачката влада и министер за одбрана, Роберт Калињак. Потоа е предвидено да положи венец пред Споменикот на слободата, во меморијалната област Девин.
Според агендата, во текот на утрешниот ден, претседателката ќе го посети Националниот центар за култура и образование во Братислава, каде што е поставена групната изложба „Од глаголица до светлина: Визуелна ода за Св. Кирил и Методиј“. На изложбата се претставени дела од македонските уметници Ана Митевска, Ангел Коруновски, Лазе Трипков и Александра Костадиновска, а куратор е Кирил Пенушлиски.
