Со караван од патнички моторни возила, граѓани и активисти денеска одржаа протест во Струмица против отворањето на рудникот „Иловица-Штука“.
Под мотото „Управен суд ја искриви, виш суд да ја исправи“, едни на протест излегоа со автомобили, додека други симболично возеа велосипеди.
Порачаа дека на овој начин сакаат да изразат незадоволство од пресудата на Управниот суд, со која се поништува одлуката на Второстепената владина комисија за одбивање на дозволата за работа на концесионерот „Еуромакс“.
„Ние сакаме некој да не слушне и да стави точка на сета ова работа. Ние не се закануваме, затоа што е дојдено времето. Ако некои работи не поминале со убаво и со зборување, тогаш некои работи треба да се стават на виделина и да видиме кои сме, што сме и кои работат за доброто, а кој за злото на народот. Во секоја партија има поединци кои се замешани во тоа. Тоа е јавна тајна и треба да се расчисти. Тоа зло мора да прекине“,
рече Стојан Велков Трн од Здружението „Здрава котлина“.
Активистите порачаа дека роковите течат и доколку државниот правобранителне поднесе жалба, а Вишиот управен суд не ја реши состојбата, тогаш правда ќе пред меѓународните судови.
Со реакција на денешниот протест се огласија од „Еуромакс“ од каде посочија дека рудникот нема да ја загадува околината. Од таму велат дека обвинувањата на граѓаните се неосновани и дека намерно се користи предизборниот период за организирање на протест.
„Денес го проследивме протестот во Струмица, каде, за жал, во континуитет се соочуваме со една група активисти кои во име на заштита на животната средина, но без издржани аргументи артикулираат обвинувања, повикуваат на омраза и осуда кон Проектот„Рудник на можности Иловица-Штука“, но и кон сите кои ја поддржуваат неговата реализација, не верувајќи во празното повторување невистини, дезинформации и апокалиптични сценарија. Го почитуваме сечие право за слободно изразување, но разочарани сме што оваа група се обидува во предизборниот период неодговорно да „се пазари“ со судбината на илјадници жители од регионот кои преку Проектот имаат можност да си обезбедат квалитетни работни позиции и значително подобрување на животниот стандард“,
велат од „Еуромакс рисорсис“