„Филипче се додворува на Радев уште пред тој да стане премиер. Филипче почна да зборува за уставни измени и дека мора да се спроведат без гаранции, а тој уште веднаш би го направил истото доколку би имал власт“, се вели во партиското соопштение
За уставни измени, според партијата, се потребни јасни европски гаранции и конкретна испорака од страна на Европската Унија и Бугарија, вклучително и во делот на спроведување пресуди од Европскиот суд за човекови права во Стразбур
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска соопшти дека без јасни гаранции и испорака од Бугарија нема да има уставни измени.
Седиштето на владејчаката ВМРО-ДПМНЕ во центарот на Скопје / Фото: Принтскрин
Од партијата реагираат на изјави поврзани со лидерот на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Венко Филипче, оценувајќи дека неговите ставови се обид за приближување кон бугарската страна уште пред формирањето нова владина структура во Софија.
„Филипче се додворува на Радев уште пред тој да стане премиер. Филипче почна да зборува за уставни измени и дека мора да се спроведат без гаранции, а тој уште веднаш би го направил истото доколку би имал власт“,
се вели во партиското соопштение.
Се наведува и дека Филипче го промовира моделот на претходните политики на СДСМ, за кои од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека довеле до носење на последните уставните измени во минатото и отворање на спорни политички прашања поврзани со државниот идентитет.
„Јасно е дека Филипче го следи моделот на Заев и го носи неговиот политички багаж за да ја задржи фотелјата на ‘Бихаќка’. Поради тој модел беа спроведени последните уставни измени, што доведе до тоа државата да го промени уставното име. Тоа е таа штетна политика на СДС. Сега Филипче немајќи прибежиште, затоа што граѓаните го испратија СДС во опозиција пред скоро две години, се додворува на Бугарија, а членовите на највисокото раководство на СДС, поставени токму од Филипче, одржуваат бугарски релации со активисти кои шират бугарска пропаганда во Македонија“,
пишува во реакцијата од владејачката партија.
Оттаму дополнително обвинуваат дека со ваквиот пристап се врши политичко усогласување со ставовите на официјална Софија, меѓу кои и за позициите околу македонскиот јазик и историското наследство.
„Ставовите на официјална Софија се јасни: македонскиот јазик е бугарски дијалект, македонските револуционери се Бугари, и македонскиот и бугарскиот народ се ист народ во две земји“,
велат од партијата.
За уставни измени, според партијата, се потребни јасни европски гаранции и конкретна испорака од страна на Европската Унија и Бугарија, вклучително и во делот на спроведувањето пресуди од Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
Актуелната влада, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, нема да поддржи уставни измени без цврсти и проверливи гаранции од европските партнери.
„Додека се додворува на Радев, и додека се обидува да се докопка до власт, Филипче како специјален пратеник на Бугарија во Македонија, да пренесе дека без гаранции уставни измени нема да се случат, и дека Македонија очекува испорака на пресудите од Стразбур. Владата на ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи да се прават национални отстапки и штети на државата, сè додека нема јасни и цврсти гаранции од ЕУ“,
Лидерот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија, Венко Филипче, вчера изјави дека од власта зависи дали Македонија ќе ги продолжи преговорите за членство во Европската Унија, но оти таа очигледно тоа не го сака.
Осврнувајќи се на прашањето за Бугарија и уставните измени, лидерот на СДСМ рече дека билатералните прашања со која било земја членка на Европската Унија не се никако дел од нашата Преговарачка рамка со ЕУ усвоена во јули 2022 година, и тоа, како што рече Филипче, граѓаните мора да го знаат.
Ставот на власта дека уставните измени не се единственото и последно барање на Софија, лидерот на СДСМ ги оцени како уште една лага и манипулација, обвинувајќи дека на тој начин од ВМРО-ДПМНЕ сакаат, како што рече, да глумат патриоти, додека истовремено со своите политики ги загрозуваат националните интереси и иднината на земјата.
Премиерот Христијан Мицкоски завчера одговарајќи на новинарски прашања во врска со позициите на Софија и последните изјави што доаѓаат од официјални претставници на Бугарија во врска со спорот меѓу двете земји поврзани со евроинтеграциите на Македонија, рече дека го загрижува почетокот на новата влада кај нашиот источен сосед, но се надева дека со текот на времето рациото и разумот ќе преовладеат.