„Филипче нема прецизни ставови за тоа како би се спречиле идни блокади и вета, ниту како би се обезбедила сигурност дека државата нема повторно да се соочи со нови блокади. Уставните измени за промена на името беа последните што ги спроведоа СДС и ДУИ, а денес Филипче се обидува да го наметне истото сценарио“, се наведува во соопштението од владејачката партија
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ и опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) продолжуваат со меѓусебните препукување околу чекорите што земјава треба да ги преземе на својот пат кон Европската Унија. Додека од Бихаќка обвинуваат за неисполнети ветувања во однос на обврските од Реформската агенда и бараат референдум на кој граѓаните ќе одлучат за иднината на земјата и интеграцијата во ЕУ, од ВМРО-ДПМНЕ го обвинуваат лидерот на СДСМ, Венко Филипче дека, исто како и експремиерот и поранешен лидер на партијата Зоран Заев, се обидува да ги убеди граѓаните дека уставните измени без гаранции се прифатливи и дека нема причина за загриженост.

Од владејачката партија, во таа насока велат дека Заев додека раководел со владата користел идентична реторика кога ги промовирал измените на Уставот поврзани со името на државата, тврдејќи дека тоа е последниот чекор кон членството во ЕУ. Но, наместо ветениот напредок, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ, Македонија се соочила со нови блокади, нови вета и дополнителни условувања од Франција и Бугарија.
„Филипче нема прецизни ставови за тоа како би се спречиле идни блокади и вета, ниту како би се обезбедила сигурност дека државата нема повторно да се соочи со нови блокади. Уставните измени за промена на името беа последните што ги спроведоа СДС и ДУИ, а денес Филипче се обидува да го наметне истото сценарио“,
се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму посочуваат дека членството на Македонија во Европската Унија останува стратешка цел, но оти тоа не смее да биде оправдување за прифаќање нови отстапки без јасен исход и без заштита на националните интереси.
Наведуваат дека како партија нема да дозволат СДСМ и нејзиниот лидер Венко Филипче повторно да ја газат волјата на граѓаните, бидејќи, додаваат, националните интереси мора да бидат заштитени и секој следен чекор на евроинтегративниот пат треба да биде заснован на јасни гаранции.
„Наместо да извлече поука од претходните искуства, Филипче денес ги повторува истите аргументи и ја застапува истата политика на СДС на отстапки без гаранции. Тој работи на исполнување на туѓи агенди и се додворува на Бугарија за да дојде на власт, вели дека веднаш би ги спровел уставните измени. Македонија заслужува достоинствен европски пат без нови условувања и отстапки. Граѓаните заслужуваат одговорна политика која ќе ги брани државните позиции и ќе обезбеди сигурна иднина. СДС ја доведе земјата во ситуација да го промени државното име, тоа што го ветуваа за влез во ЕУ не се случи, и само ја доведоа Македонија да биде мета на идни билатерални спорови, да биде ветоизирана и во позиција на блокирана преговарачка рамка“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера одговарајќи на новинарски прашања во врска со позициите на Софија и последните изјави што доаѓаат од официјални претставници на Бугарија во врска со спорот меѓу двете земји поврзани со евроинтеграциите на Македонија, рече дека го загрижува почетокот на новата влада кај нашиот источен сосед, но се надева дека со текот на времето рациото и разумот ќе преовладеат.

Говорејќи на темата, тој посочи дека добрососедските односи се двонасочна улица, притоа наведувајќи дека „не можете да танцувате сами – или танцувате со партнер или немате партнер. Тој додаде оти е свесен дека Бугарија се соочува со многу внатрешни проблеми, поради кои, како што кажа, можеби сега бараат нова тема.
„Имаат големи проблеми со инфалцијата, со економијата генерално, па можеби сега бараат нова тема, а најдобра тема е радикализирани ставови кога станува збор за македонското прашање. Но, ние сме трпеливи, ќе работиме и ќе победим како многу пати што сме победиле во историјата“,
рече Мицкоски.
Инаку, неговата изјава беше коментар на наводите на шефицата на бугарската дипломатија Велислава Петрова – Чамова, која ден претходно рече дека властите во Северна Македонија треба да го искористат моменталниот „отворен прозорец“ за проширување на Европската Унија, наместо да ги ескалираат тензиите со Софија, додавајќи дека Бугарија нема да се повлече од договореното во 2022 година.
