Имаат големи проблеми со инфлацијата, со економијата генерално, па можеби сега бараат нова тема, а најдобра тема е радикализирани ставови кога станува збор за македонското прашање, вели премиерот

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека го загрижува почетокот на новата влада кај нашиот источен сосед, но се надевам дека со текот на времето „рациото и разумот ќе преовладеат“. Тој ова денеска го прокоментира по новинарско прашање за изјавата на министерката за надворешни работи на Бугарија, која вчера порача Скопје да го искористи моментумот за проширување наместо да ги ескалира тензиите со Софија.
„Ние нудиме цело време решенија. Софија пред себе има во минатото и други договори кои, за жал, не ги почитува, а тоа е, да речеме, потпишаната резолуција за заштита на човековите права. И на маса им стојат најмалку 14 пресуди што доаѓаат од Судот за човекови права во Стразбур, па тие не ги почитуваат. Е да, тие ќе ви кажат, ‘вие сакате да дојдете во клубот каде што сме ние. Ние не сакаме да дојдеме во клубот каде што сте вие’. Но, тоа е уцена и булинг. Ако веруваме и стоиме до европските вредности, тогаш треба да веруваме и стоиме до европските вредности, а ако тие мислат дека се таму и за ние да бидеме таму, треба да ги прифатиме нивните барања, тогаш оваа влада таа игра нема да ја игра и сè додека сум јас премиер, додека не видиме испорака од нивна страна, ние нема да се поместиме ниту милиметар“,
изјави Мицкоски денеска.
Тој посочи дека добрососедските односи се двонасочна улица.
„Не можете да танцувате сами – или танцувате со партнер или немате партнер. Ме загрижува почетокот на новата влада кај нашиот источен сосед, но се надевам дека со текот на времето рациото и разумот ќе преовладеат. Јас сум свесен дека имаат многу внатрешни проблеми. Гледам дека изгледа ќе бидат првата држава што ќе добие мерки од Европската централна банка, бидејќи ги фалсификувале и ги лажирале извештаите за буџетскиот дефицит. Имаат големи проблеми со инфлацијата, со економијата генерално, па можеби сега бараат нова тема, а најдобра тема е радикализирани ставови кога станува збор за македонското прашање. Но, ние сме трпеливи, ќе работиме и ќе победиме како многу пати што сме победиле во историјата“,
посочи Мицкоски.
Властите во Северна Македонија треба да го искористат моменталниот „отворен прозорец“ за проширување на Европската Унија, наместо да ги ескалираат тензиите со Софија – изјави министерката за надворешни работи на Бугарија, Велислава Петрова-Чамова, додавајќи дека Бугарија нема да се повлече од договореното во 2022 година.
