Првиот екстерен испит – изборниот предмет – ќе се полага на 6 јуни со почеток во 9 часот. Кандидатите за државна матура ќе полагаат странски јазик или математика, додека учениците кои полагаат државна стручна матура ќе избираат помеѓу англиски јазик и математика. За државната уметничка матура изборот е помеѓу англиски јазик и историја
Задолжителниот екстерен испит по мајчин јазик и литература ќе се полага на 11 јуни за кандидатите за државна матура, а на 12 јуни за учениците кои полагаат државна стручна и државна уметничка матура
Од ДИЦ апелираат учениците да ги почитуваат правилата за полагање, при што во просториите каде што ќе се одвиваат испитите ќе биде забрането користење мобилни телефони и други електронски уреди
Идната сабота започнува полагањето на екстерните испити од матурата за повеќе од 14 500 ученици што го завршуваат средното образование во учебната 2025/2026 година. Годинава, согласно измените на Законот за средното образование, матурантите ќе полагаат три типа матурски испити – државна матура, државна стручна матура и државна уметничка матура.

За секој предмет од трите типа матура се изработени посебни испитни програми врз основа на кои се подготвени испитните прашања. Од Државниот испитен центар (ДИЦ), кој е задолжен за организацијата и спроведувањето на матурските испити, информираат дека програмите се темелат на наставните содржини што учениците ги изучувале во текот на четиригодишното средно образование.
Според податоците на Државниот испитен центар (ДИЦ), вкупно 14 587 ученици се пријавиле за полагање матура. Од нив, 12 184 ќе полагаат државна матура, 2 276 државна стручна матура, а 127 ученици се пријавени за државна уметничка матура.
Од гимназиските ученици, 5 713 кандидати ќе полагаат државна матура. Кај средните стручни училишта, од вкупно 8 629 кандидати, 6 353 се пријавени за државна матура, а 2 276 за државна стручна матура. Во уметничките училишта, од 245 кандидати, 118 ќе полагаат државна матура, а 127 државна уметничка матура.
Директорката на Државниот испитен центар, Даниела Јовчевска-Михајловска, изјави дека подготовките за спроведување на матурските испити се одвиваат според утврдена динамика и рокови.
„Целта ни е сите ученици да имаат еднакви услови и фер полагање. Во согласност со новата Концепција, изработени се посебни тестови за секој вид матура, врз основа на испитните програми за полагање. Организацијата бара поголем ангажман, но Државниот испитен центар е подготвен да одговори на новиот предизвик“,
вели таа.
Како и минатата година, во училиштата што немаат соодветни просторни услови, екстерните испити ќе се полагаат во амфитеатрите на факултетите. Во останатите училишта испитите ќе се одржуваат во спортски сали, холови и аули.
Од ДИЦ апелираат учениците да ги почитуваат правилата за полагање, при што во просториите каде што ќе се одвиваат испитите ќе биде забрането користење мобилни телефони и други електронски уреди.
Првиот екстерен испит – изборниот предмет – ќе се полага на 6 јуни со почеток во 9 часот. Кандидатите за државна матура ќе полагаат странски јазик или математика, додека учениците кои полагаат државна стручна матура ќе избираат помеѓу англиски јазик и математика. За државната уметничка матура изборот е помеѓу англиски јазик и историја.
Најголем интерес има за англиски јазик, за кој се пријавени 13 208 кандидати. За математика се пријавени 1 173 ученици, а за историја 38 кандидати. Француски јазик ќе полагаат 20 ученици, германски 52, руски седум, а италијански двајца кандидати.
Задолжителниот екстерен испит по мајчин јазик и литература ќе се полага на 11 јуни за кандидатите за државна матура, а на 12 јуни за учениците кои полагаат државна стручна и државна уметничка матура.
Македонски јазик и литература ќе полагаат 9 810 ученици, албански јазик 4 199 кандидати, турски јазик 360 ученици, а српски јазик и литература ќе полагаат пет кандидати.
За спроведување на матурските испити ќе бидат ангажирани околу 2 500 тестатори и околу 200 набљудувачи.
Покрај екстерните испити, учениците ќе полагаат и втор и трет изборен предмет интерно, согласно Концепцијата за испити на крајот од средното образование.
