Погледнете го новото издание на емисијата „360 степени”, емитувано на 25 мај 2026 г. на МРТ 1, во кое гостува министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кадар на ВМРО-ДПМНЕ
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој гостува во новото издание на „360 степени“ на МРТ 1, најавува нов развој на настаните во врска со предметот „Мазут“. „Затоа што знам некои докази коишто вие не ги знаете. И не може да ги знаете. А јас ги знам заради тоа што морам да ги знам. И ќе бидете шокирани и Вие и целокупната македонска јавност кога ќе дојде време да бидете шокирани. Ама позитивно. И тврдам дека ќе дојде тој ден”, вели Тошковски по одлуката на обвинителката на ОЈО ГОКК, Катерина Коларевиќ, да ја затвори истрагата за предметот. Разговараме и за „шпионската афера“ во кабинетот на шефицата на државата и за поплаките од обвинителството дека од МВР нема одговор на наредбата за случајот со надзорот над изградбата на автопатиштата од „Бехтел и Енка“, иако таа датира од 2024 г. Начинот на кој е доделена лиценцата за испитен центар за возачки во Велес и најавата за воведување „Паметен систем” за справување со семејното насилство се меѓу темите во разговорот.
