На средбата е нагласено оти партнерството меѓу Македонија и Европската Унија има значајна улога во јакнењето на безбедносниот систем, модернизацијата на институциите и подобрувањето на ефикасноста во справувањето со современите безбедносни предизвици
Поддршката од Европската Унија во јакнењето на институционалните капацитети и унапредувањето на безбедносниот систем беше во фокусот на денешната средба меѓу министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и амбасадорот на Европската Унија во земјава, Михалис Рокас.

На средбата е потврдена одличната соработка и континуираната поддршка што Европската Унија ја обезбедува за Министерството за внатрешни работи (МВР) во процесот на спроведување на реформите и унапредување на институционалните капацитети.
Тошковски изрази благодарност за досегашната поддршка од Европската Унија, особено во делот на исполнување на критериумите поврзани со европската интеграција на државата, преку реализација на проекти во рамки на ИПА инструментот за претпристапна помош и активностите предвидени со Реформската агенда.
„На средбата е нагласено оти партнерството меѓу Македонија и Европската Унија има значајна улога во јакнењето на безбедносниот систем, модернизацијата на институциите и подобрувањето на ефикасноста во справувањето со современите безбедносни предизвици“,
се вели во соопштението од МВР.
Тошковски и Рокас разговараа и за тековните активности во рамките на програмите за прекугранична соработка, како и за приоритетните области од заеднички интерес, со акцент на натамошно продлабочување на партнерската соработка.
„Остануваме посветени на градење модерно, професионално и европско Министерство за внатрешни работи, кое ефикасно ќе одговори на потребите на граѓаните и предизвиците на времето“,
напиша Тошковски на Фејсбук.
