Премиерот порача дека средбата претставува потврда за добрите односи и пријателството помеѓу Македонија и Хрватска, како и важноста на меѓусебната соработка
Премиерот Христијан Мицкоски претпладнево на охридскиот аеродром го пречека премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, кој денеска пристигна во официјална посета на земјава.

„Денес имав чест и задоволство да го пречекам претседателот на Владата на Република Хрватска, Андреј Пленковиќ. Оваа средба претставува потврда за добрите односи и пријателството помеѓу Македонија и Хрватска, како и важноста на меѓусебната соработка, европските вредности и регионалната стабилност“,
порача Мицкоски во објава на Фејсбук по пречекот на охридскиот аеродром.
Според агендата, по пречекот предвидена е тет-а-тет средба помеѓу Мицкоски и Пленковиќ во премиерската вила во Охрид, а околу 11:15 часот е најавена владина билатерална средба во хотелот „Инекс Олгица“. Потоа е предвидено македонскиот и хрватскиот премиер да потпишат договори за стратешка соработка.
