За време на средбата со македонскиот премиер Христијан Мицкоски, која ќе се одржи во Охрид, се најавува потпишување на договори за стратешка соработка помеѓу двете земји
Премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, денеска ќе престојува во официјална посета на земјава.
Негов домаќин ќе биде премиерот Христијан Мицкоски, кој заедно со министрите ќе го пречека Пленковиќ на охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“ околу 10 часот утринава.

По пречекот, предвидена е тет-а-тет средба помеѓу Мицкоски и Пленковиќ во премиерската вила во Охрид, а околу 11:15 часот е најавена владина билатерална средба што ќе се одржи во хотелот „Инекс Олгица“.
Според агендата, потоа е предвидено македонскиот и хрватскиот премиер да потпишат договори за стратешка соработка помеѓу двете земји, а македонското Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини и хрватското Министерство за економија да потпишат меморандум за соработка.
Заедничка прес-конференција на Мицкоски и Пленковиќ е закажана за 12:30 часот.
За време на престојот на премиерот Андреј Пленковиќ и хрватската делегација во Македонија е предвидена и бизнис-средба на сопственици на компании од двете држави.
