„И вие и јавноста за многу брзо ќе дознае зошто ова сум го кажал ова што сум го кажал“, кажа министерот за внатрешни работи во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, одбегнувајќи да даде поконкретни податоци
Истрагата за „Мазут“ ја водеше обвинителката Катерина Коларевиќ од ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, која по една година истражни дејствија реши да ја затвори поради недостаток на докази
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, најавува нов развој на настаните во врска со предметот „Мазут“. Станува збор за истражната постапка која траеше повеќе од една година, сè до моментот кога пред две недели надлежната обвинителка Катерина Коларевиќ одлучи да ја затвори. Осомничени се 13 лица, меѓу кои бизнисмените Ратко Капушевски, Асмир Јахоски и Ерџан Сулкоски, екс-директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски, и други, за злоупотреба на службената положба и перење на пари.
Обвинителката Коларевиќ, на брифинг со новинарите, а потоа и во интервју за „360 степени“, кажа дека доказите прибрани во истрагата не оделе во прилог на поднесување обвинение кое би опстојало на суд. Министерот за внатрешни работи, пак, во интервјуто за „360 степени“, вели неговите сознанија се поинакви.

„Затоа што знам некои докази коишто вие не ги знаете. И не може да ги знаете. А јас ги знам заради тоа што морам да ги знам. И ќе бидете шокирани и Вие и целокупната македонска јавност кога ќе дојде време да бидете шокирани. Ама позитивно. И тврдам дека ќе дојде тој ден. Заради тоа што за вакви дејствија ако ние оставиме така да се затворат, тогаш јас не треба да го работам ова што го работам во моментов. Нити па било кој од тие коишто работат во рамки на Министерството за внатрешни работи и особено во Јавното обвинителство треба да се таму каде што се. Треба да си одат од таму. Треба да дојдат некои нови, ако за овој предмет со тие докази што јас ги имам видено лично, остане вака приказната каква што е“,
изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Пред да се разговара за случајот „Мазут“, Панче Тошковски одговараше на прашања за друг случај што го води ОЈО ГОКК, за надзорот на автопатите кои ги гради „Бехтел и Енка“. Во сторија за случајот, „360 степени“ неодамна доби став од обвинителството дека со месеци чекаат МВР да постапи по ниви наредби.
Тој дел од разговорот е важен затоа што кога подоцна се говореше за „Мазут“, тој најде поврзница во двата случаи – обвинителката Катерина Коларевиќ.

Тошковски: И навистина сум крајно разочаран, крајно сум разочаран од она коешто беше како чекор преземен од страна на Јавното обвинителство не заради друго, заради тоа што овде има очигледна теорија на случај којашто можеби се граничи со теорија на заговор, како што кажавте и вие, од старт. Многу чудно зошто во овој временски период се случуваат токму овие работи поврзани токму со истиот ‘доминус литис’ во рамки на постапката. Многу чудно. Ќе каже времето зошто е тоа така. Јас не можам во оваа фаза да говорам повеќе.
360 степени: Вие тој што го нарекувате суверен во постапката, вака нели му правите непримерен притисок? Не само со вашите изјави. И сите други коишто даваат такви изјави. Треба ли тоа низ каналите на институциите да се реши?
Тошковски: Согласно она коешто го поседува, доказниот материјал, ова е најблагиот начин на којшто јас можам да комуницирам во јавност. Поблаг од овој не познавам. Ова е најблагиот начин. А и вие и јавноста за многу брзо ќе дознае зошто ова сум го кажал, ова што сум го кажал.
Во врска со затоворената истрага, државната компанија ЕСМ поднесе приговор до Вишото јавно обвинителство и барање за контрола до Републичкото јавно обвинителство. Јавната обвинителка Коларевиќ во повеќе наврати тврди дека истрагата е затворена, меѓу другото, и затоа што претставници на ЕСМ на записник изјавиле дека компанијата не претрпела штета од тендерите. Електрани, пак, тврдат – лицата биле пратени како претставници кои би објасниле технички аспекти, а не во име на менаџерскиоте тим да говорат за штета.
